Менаџментот на битолската Зоолошка градина доби поддршка од Советот на Општина Битола, во рамки на инвестициската програма за 2020 година да гради нови патеки за посетителите.
Според плановите на Зоолошката градина – Битола, оваа година ќе биде завршена и реконструкцијата на управната зграда која почна во 2009 година.
– Зоолошката градина во Битола е формирана и почна со работа на 1 мај 1950 година, а во годината на јубилејот ќе се реализираат неколку инфраструктурни зафати. На пролет ќе почне изградбата на нови патеки за посетителите чиј број се зголемува, а движењето е отежнато, посебно по дождливо време кога дел од земјените патеки се деформираат. Но, оваа година, конечно по десет години, ќе заврши реконструкцијата на управната зграда која почна во 2009 година, информираат од тамошната општинска установа.
Зоолошката градина во Битола, лоцирана на јужната страна од Тумбе кафе е поставена на површина од 2,21 хектари, располага со богат животински свет кој грижливо се чува и презентира на посетителите, а за најмладите годинава ќе бидат понудени и посебни едукативни проекти.
МИА