Шкаф паднал и убил дете, „Икеа“ ќе плати 46 милиони долари отштета – ММС
ММС

Објавено на: 01/8/20 1:25 PM

Шкаф паднал и убил дете, „Икеа“ ќе плати 46 милиони долари отштета

Шведскиот гигант за мебел, „Икеа“, се согласи да им плати 46 милиони американски долари на родителите чие дете беше убиено кога мал шкаф со фиоки паднал врз него.

Јосеф Дудек (2) почина во мај 2017 година кога бил соборен од фиоките во нивниот семеен дом во Калифорнија.

Парчето мебел кое тежело околу 32 килограма било повлечено една година предходно поради загриженост откако три други деца биле убиени.

„Никаква спогодба нема да ги смени овие трагични настани што не’ доведоа овде, но заради семејствата и сите погодени, ние сме задоволни што на оваа парница се постигна договор“, изјави потпаролката на „Икеа“, која додаде дека остануваат фокусирани на разрешување на овој голем безбедносен проблем.

Родителите на детето кажаа дека се скршени од загубата.
„Никогаш не помисливме дека двогодишник може да повлече мал шкаф кој ќе го смачка и убие. Многу доцна дознавме дека бил нестабилен. Ја кажуваме нашата приказна бидејќи не сакаме ова да му се случи на некое друго семејство“, рекоа родителите и апелираа до сите што имаат вакви шкафчиња, да ги вратат назад.

Семејството исто така кажа дека ќе донираат еден милион долари за групи кои работат за заштита на децата од опасни продукти.

Во 2016 година, „Икеа“ повлече милиони шкафови во Северна Америка поради безбедносни проблеми. Ова е најголемото повлекување на производи во историјата на компанијата.
Првично, компанијата ги предупреди корисниците да ги прицврстуваат шкафовите со шајки за ѕидовите, но смртта на три деца ги поттикна на акција.

Во 2017 година „Икеа“ ги врати повлечените производи во САД и во Канада, и ги означи како производи кои се со сериозна опасност доколку не бидат прицврстени за ѕид.