Одбивањето од СДСМ на предлогот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки да биде технички министер за внатрешни работи во преодната влада за предвремените парламентарни избори ја продолжи неизвесноста околу составот на техничката Влада којшто треба да биде заокружен пред 3 јануари.
Комуникацијата помеѓу двете партии, по завчерашната лидерска средба, вчера се одвиваше преку социјалните мрежи и соопштенија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку својот Фејсбук профил ја повика власта да не ги одложува работите и истакна дека „кочењето на професионалец за МВР, нема да го избегне неминовниот пораз, туку ќе го зголеми”, по што СДСМ соопшти дека опозициската партија треба да предложи друг кандидат затоа што доставениот предлог е спротивен на Уставот.
Мицкоски во објавата уште пред СДСМ да соопшти дека бара нов предлог наведе дека „фактите говорат оти оние кои се огрешиле спрема законот се плашат од професионалец кој ќе ги открие, разобличи и ќе се бори против нив”.
– Заев и СДСМ очекува решение за човек кој мислат дека ќе го држат во рака за да продолжат со нивните комбинации. А ние со ваков предлог сакаме да направиме дисконтинуитет во хаосот кој Заев и Спасовски со лошото менаџирање во МВР го создаде во државата, дисконтинуитет на рекетите под државна капа, клановите блиски до власта кои спроведуваат криминал, дисконтинуитет на бандитизмот кој се шири низ улиците, заплените автомобили, дрогата која е на секој чекор. И ВМРО не отстапува од борбата против сето ова. Она што ми е поважно од тоа да се избере решение кое ќе му се допадне на Заев, е да се бори против криминалците и да и служи на Македонија, напиша Мицкоски.
СДСМ, пак во соопштение побара ВМРО-ДПМНЕ да предложи друг кандидат. – Ја повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да се издигне на висина на задачата и одговорноста која ја има со влезот во преодната Влада и порачуваме дека остануваме отворени за наоѓање прифатливо решение со кое нема да се крши Уставот. До 3 јануари има доволно време да се постигне согласност и да продолжиме кон подготовката на изборите кои ќе се случат на 12 април, соопшти СДСМ порачувајќи и на ВМРО-ДПМНЕ дека не може да се повикува на право, а да промовира предлози спротивни на Уставот.
Одбивањето на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ го образложуваат повикувајќи се на членот 97 од Уставот согласно со кој лице кое раководи со МВР или со Министерството за одбрана треба да биде цивилно лице најмалку три години пред изборот на таа функција. Во членот 2 од Законот за полиција, наведуваат, се прави јасна разлика помеѓу униформиран и неуниформиран припадник на полицијата, што значи дека униформираните вработени не можат да бидат избрани за министри, и тоа е исто и во двете министерства.
Во однос на тоа како понатаму ќе се одвиваат технички разговорите портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски вчера изјави дека консултациите траат, не прецизирајќи дали имало телефонски разговор помеѓу премиерот Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски по нивната средба во петокот.
Лидерот на ДУИ и коалициски партнер на СДСМ Али Ахмети, кој исто така во петокот имаше средба со Мицкоски за новите кадри во преодната Влада, изјави дека за нив предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер е прифатлив.
Заев, пак, во интервју за Дојче веле рече дека е сигурен оти опозицијата нема да си дозволи да инсистира на кршење на Уставот и дека ќе може брзо да предложи друг кандидат околу кој би се согласиле, ако, како што наведе, е очигледно оти предложеното решение не може да помине заради тоа што Уставот тоа не го дозволува.
Според Заев, преодната влада треба да се формира на 3 јануари и од тоа не треба да има никакви отстапки. Изборите на 12-ти април треба да ги гледаме како затворено прашање, сите партии се согласни со датумот. На предлозите на опозицијата за министри и дополнителни заменици министри треба да се гледа на едноставен и прагматичен начин, порача Заев.
Освен технички министер за внатрешни работи ВМРО-ДПМНЕ за преодната Влада треба да номинира предлози и за заменици во министерствата за информатичко општество и администрација, за финансии и за земјоделство. Нивните имиња, како што изјави премиерот Заев по средбата со Мицкоски, треба да се знаат денеска. Очекува принципот на нивен избор да биде етички, да не бидат гонети или под обвинение на јавни обвинителства во државата.
Актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски завчера изјави дека е подготвен за функцијата технички премиер во преодната влада, откако таква одлука беше донесена на седниците на Централниот и извршниот одбор.
– Ова е преодна влада што треба да обезбеди, пред се, период за добра организација на изборите, фер демократски шанси за сите политички субјекти, да овозможиме граѓаните самостојно да ги носат одлуките. Меѓутоа, воедно да продолжиме и силно во работењето и реализацијата на проектите, да немаме застој во реформите во државата, да ги оствариме националните интереси, изјави Спасовски.
Дел од тимот на преодната влада од СДСМ ќе бидат и Славјанка Петровска, која ќе биде дополнителен заменик министер во МВР, а таква функција во МТСП ќе врши Санела Шкријејљ.
На последната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, беше договорено на 12 април да се одржат предвремени парламентрани избори. Согласно процедурата, на 90 дена пред изборите треба да се формира техничката влада или во случајов тоа треба да се случи на 3 јануари.
MIA