Законот за бесплатна правна помош функционира, но граѓаните и работниците сѐ уште не си ги знаат правата – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/19 2:31 PM

Законот за бесплатна правна помош функционира, но граѓаните и работниците сѐ уште не си ги знаат правата

Граѓаните постепено учат дека имаат право на бесплатна правна помош, а работниците допрва учат за нивните права и обврски според Законот за работни односи, констатираат од невладината Младински културен центар од Битола, кои во Пелагонискиот Регион на граѓаните им ги објаснуваат можностите за користење бесплатна правна помош според новиот закон од октомври годинава и за користење на правата од работните односи.

Според Ирена Стојчевска од ова здружение на граѓани, кое е овластено за бесплатна правна помош и го спроведува проектот „Пристап до правда во Македонија“, граѓаните не знаат сѐ уште како да постапат, има постапки за бесплатна правна помош, но им се неопходни едукации.

– Главна цел на проектот „Пристап до правда во Македонија“ е да ја зајакнеме јавната свест кај граѓаните, да ги информираме за нивните права и обврски, првенствено, согласно со Законот за бесплатна правна помош. Законот за бесплатна правна помош започна со примена од 1 октомври 2019 година, кој предвидува два вида бесплатна правна помош: примарна и секундарна. За примарна помош може да се обратат сите граѓани, а овластени се: ние, како здруженија, подрачните единици на Министерството за правда и правните клиники. Додека, пак, секундарната правна помош ја обезбедуваат адвокати, регистирани во Регистерот за бесплатна правна помош, а се финансирани од државата, појасни Стојчевска.

За некој да стекне секундарна бесплатна правна помош мора да исполнува два услова поврзани со приходот и со имотот. Кога е во прашање приходот, барателот не треба да ја надминува минималната плата од 14.500 денари, ако е двочлено семејство, вториот член не смее да има приход повеќе од 2.900 денари, што е услов за секој нареден член во семејството. Како што објаснува Стојчевска, годинава  се поднесени осум барања за секундарна правна помош, најмногу за семејно и имотно-правните односи, а за примарната има 190 барања.

–Од поднесените осум барања за секундарна правна помош, пет се според новиот закон за бесплатна правна помош од октомври годинава. Од сите, шест се одобрени и се започнати постапки пред судските органи. Од нив, едно е одбиено, а за друго чекаме одговор. Најчести се семејните и имотно-правните односи. Инаку, во оваа година, заклучно со вчерашниот ден, имаме 190 граѓани кои се обратиле и побарале примарна  правна помош. Со оглед на тоа дека Законот за бесплатна правна помош е релативно нов, од 1 октомври годинава, не може да кажам дека бројот на граѓаните кои си ги знаат правата е многу голем. Затоа, нашата цел е и во текот на 2020 година да ги информираме граѓаните преку вакви, едукативни сесии, каде и како може да ги остварат и да ги заштитат своите права, зашто најчестиот проблем е дека не знаат каде може да се обратат за да почнат да ги решаваат своите проблеми, истакна Стојчевска.

Благица Вескоска од Прилеп, адвокат за бесплатна правна помош, рече дека има ангажмани да ги брани правата на граѓаните во бесплатни парници, но битно е дека работниците не си ги знаат правата од Законот за работни односи. Најголем проблем се испатата на платите, придонесите и надоместоците.

– Во неколку наврати сум била ангажирана од Младинскиот културен центар од Битола за бесплатна правна помош. Најчесто тоа било од семејните односи. Пред граѓаните ги презентирам правата на работникот, согласно Законот за работни односи, дали знаат работниците и каде ги остваруваат своите права од работен однос. Работниците не се целосно информирани за своите права и си ги бараат откако ќе им се прекршат. Има судски спорови во основните судови. Најчесто им се прекршуваат правата на исплата на плати, на придонеси, на надоместоци, додатоци. Овие работилници ќе придонесат, а ние ќе се потрудиме да знаат работниците каде и како да се обратат за остварувањето на своите права, вели Вескоска.

Рубинчо Аризанкоски, од невладиното здружение „Достоинсвен работник“ нагласува дека мобингот останува актуелен во текстилната индустрија, а проблем остануваат неиспатата на К-15, па и минималната плата.

– Во однос на последните истражувања за претходниот проект на Здружението „Не биди роб, информирај се за своите права“, може да заклучиме дека правата на работниците се на ниско ниво во делот на информираноста и запознавањето на нивните права и обврски, а и во усогласувањата со работодавците. Во однос на неисполнувањата на правата на работниците, главно се однесува на неисплаќањето на К-15, имаме проблем со минималната плата. Од таа страна, може да кажам дека Прилеп ја зголеми исплатата. Од друга страна, за жал, мобингот е сѐ уште голем, посебно во текстилната индустрија и во земјоделскиот сектор. Текстилната индустрија е во значително очајна состојба, дел од работниците „бегаат“ и одат во компаниите со странски капитал, а во Прилеп се три.  Работниците треба да ги усогласат своите права и барања со новиот закон за работни односи кој треба да стапи во сила во февруари 2020, година.

МИА