Шекеринска, Јанева, Камчев, Богоев, Кирацовски… гости во куќата на Боки 13 – ММС
ММС

Објавено на: 12/27/19 4:59 PM

Шекеринска, Јанева, Камчев, Богоев, Кирацовски… гости во куќата на Боки 13

Радмила Шекеринска, Катица Јанева, Орце Камчев, Зоран Милевски, Стефан Богоев, Александар Кирацовски, Лила Филиповска, Сергеј Варошлија, Венко Филипче, Ацо Кабранов, Анета Кочишки, Јадранка Костова, Гордана Дувњак… се луѓето што, според вработената куќна помошничка, доаѓале во домот на Бојан Јовановски.

Драгана Колевска, која одреден временски период работела хонорарно во куќата на Јовановски, денес во својство на сведок пред судот наброи долга листа на имиња на политичари, бизнисмени, јавни личности, новинари… Таа пред судот денес раскажа дека во куќата на Бојан Јовановски, во времето кога работела, се реновирале просториите, се купувале телевизори и мебел, а во куќата се носеле и уметнички слики.

За уметничките слики Колевска рече дека не биле купени, туку, како што кажа, од она што го чула од луѓето што ги местеле на ѕидовите, разбрала дека се од некоја галерија. Разговорот помеѓу оние што ги донеле уметничките слики и Јовановски бил дека кај Бојан повеќе ќе се продадат сликите отколку онаму каде што стоеле.

Од долгата листа на личности што ги спомена сведокот, најчест гостин во куќата на Јовановски бил Кичеец. За него Колевска рече дека доаѓал кај Бојан скоро секој ден, а понекогаш и двапати дневно и, како што појасни, имал комплетна слобода да влезе во просториите без да тропне.

„Во куќата каде што живееше Јовановски доаѓаа Шекеринска и Јанева на кратка посета, доаѓаше Орце Камчев, Зоран Милевски, Стефан Богоев, Кирацовски, Лила, Сергеј. Еднаш дојде и Венко Филипче заедно со Камчев и со Милевски. Кичеец беше чест гостин во станот на Бојан, доаѓаше скоро секој ден, понекогаш и двапати на ден, а влегуваше без да тропне. Ги послужував со кафе, сок, а понекогаш и со храна, а разговори конкретни не сум чула, слушав само општи разговори, кои, според мене, не беа опасни. Јас и Бојан разговаравме дека Кичеец во куќата се однесува како дома. Не сум видела пари кај Бојан, освен оние што мене ми ги даваше како плата“, сведочеше Колевска.

 

 

(МКД)