Првите елени сместени во новоизградениот репродуктивен центар на Националниот парк „Галичица” – ММС
ММС

Објавено на: 12/26/19 1:31 PM

Првите елени сместени во новоизградениот репродуктивен центар на Националниот парк „Галичица”

Во Националниот парк „Галичица” пристигнаа првите елени, сместени во репродуктивниот центар изграден специјално за таа намена. Во објектот со комплетна инфраструктура како карантин, хранилишта, поилишта, солишта и набљудувачници е предвидено зимава да бидат сместени 30 елени од кои 24 женки.

Оваа активност е дел од поширокиот проект за подобрување со управувањето на Националниот парк „Галичица” преку заштита, конзервација на биолошката разновидност и мониторинг, финансиран од Програмата на Европската унија „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја”. Програмата што опфаќа повеќе проекти низ целата земја изнесува 4,3 милиони евра, а ја спроведуваат Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Националниот парк „Галичица”, во рамки на проектот, со овие активности се грижи и за подобрување на управувањето со планинските тревести еко-системи со цел нивно зачувување и запирање на процесот на сукцесија. Репродуктивниот центар и елените ќе се користат исклучиво за активно управување на овие екосистеми, а не како ловиште.