На булевар „Србија” поставен тастер за регулација на пешачки премини – ММС
ММС

Објавено на: 12/26/19 1:30 PM

На булевар „Србија” поставен тастер за регулација на пешачки премини

На булеварот „Србија” во скопската населба Ново Лисиче денеска беше пуштен во употреба првиот тастер со кој пешаците ќе можат да го активираат вклучувањето зелено светло и со тоа побезбедно да го поминат пешачкиот премин.

Се работи за донација од компанијата „ОКТА”, како дел од кампањата „Јас внимавам”, во рамките на која вакви современи уреди ќе се постават на повеќе семафори на булеварите во Скопје.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов изјави дека ја утврдиле потребата и по барање на граѓаните поставен е семафор за безбедно минување на булеварот „Србија”.

– Наидовме на разбирање и на барање од компанијата „ОКТА” да воведеме и еден поинаков нов систем, а тоа е кога нема толку многу сообраќај да може со помош на притискање копче да се отвори пешачкиот сигнал со цел да ја зголемиме безбедноста при преминување на улицата, особено на децата кои гравитираат овде и одат на училиште, рече Шилегов.

Тој додаде дека во текот на годинава на овој булевар изработиле и велосипедска патека.

Главниот извршен директор на ОКТА, Јанис Геруланос посочи дека нивната идеја е преку иновативни и корисни практики да придонесат за зголемување на безбедноста во сообраќајот.

– Поставувањето на овие механизми е новина во Скопје и се надеваме дека граѓание ќе ги користат соодветно со што ќе се заштитат себе си, но и останатите учесници во сообраќајот. Особено ни е драго што наидовме на поддршка од Град Скопје за успешно да го реализираме овој проект како дел од нашата кампања „Јас внимавам”, изјави Геруланос.

Одговарајќи на новинарско прашање Шилегов рече дека дека пред два дена имал средба со дел од граѓаните кои живеат на улицата „Цветан Димов” и на булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош”.

– Ние ја утврдивме потребата за поставување семафори за безбедно минување на пешаците на таа улица на две места и во тек е изработка, како стартна фаза, на сообраќајниот проект од страна на Секторот за сообраќај во Град Скопје со цел да биде доставен до МВР. По одобрувањето од страна на МВР, да биде дозволено поставување семафори, бидејќи ние ги изработуваме сообраќајните проекти, но конечната одлука е на МВР, објасни Шилегов.

Додаде дека се работи за површина поголема од 840 метри на која нема регулатива за забавување на сообраќајот. Додека да дојдеме до исполнување на постапката за поставување семафори, како што рече, во текот на денешниот ден на двете места, каде се пешачките премини, ќе бидат поставени светлосни сигнали за да се означи навечер дека има пешачки премин. Од друга страна ќе има и пластични, вибрациски ленти пред пешачките премини со цел да се ублажи одвивањето на сообраќајот во тој дел. Шилегов вели дека ќе инсистира во МВР постапката да биде забрзана.