Џафери: Власта и опозицијата се договорија за деблокирање на 123. собраниска седница – ММС
ММС

Објавено на: 12/26/19 12:03 PM

Џафери: Власта и опозицијата се договорија за деблокирање на 123. собраниска седница

Владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ постигнаа договор да бидат усвоени сите законски предлози од 123. собраниска седница, кои се врзани со примена од 1 јануари, изјави денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери на редовната месечна средба со собраниските известувачи.

Опозициските пратеници до вчера попладне со долги говори и реплики речиси и да ја блокираат оваа седница.

Џафери не прецизира како власта и опозицијата се договориле за гласање по овие закони и упати на лидерите на партиите.

– Прашајте ги Мицкоски и Заев, рече претседателот на Парламентот.

Неговата улога, како што вели, била тоа што ја продолжил седницата до по полноќ до изгласување на првата точка.

На утрешното продолжение на 123. седница треба да бидат донесени околу четириесетина закони врзани со рок, односно со примена од 1 јануари, меѓу кои и од сферата на финансиите, социјалата и здравството. Другите точки од оваа седница на дневен ред ќе бидат разгледувани по Нова Година.

Во врска со можноста за одлагање на изборите, Џафери нагласи дека тие можат да бидат одложени се додека не бидат распишани.

Тој појасни дека одлуката да има избори на 12 април не беше на Собранието и оти постапката за распишување вонредни избори со техничка Влада е поинаква.

Во случајов, на пример, доколку премиерот на поднесе оставка, не може да се избере техничка Влада и да се одржат предвремени избори. Сепак, доколку се следи предвидената динамика, се очекува на 3 јануари да биде одржана седница на Парламентот на која би била избрана техничката Влада.

Пред денешниот почеток на собраниската седница за пратенички прашања, пратениците од владејачкото мнозинство одржаа координација со лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев.

MИА