Силен тајфун ги погоди Филипините на Божик – ММС
ММС

Објавено на: 12/25/19 11:33 AM

Силен тајфун ги погоди Филипините на Божик

Тајфунот Фанфон денеска ги погоди Филипините и го уништи обележувањето на Божик во земјата во која преовладува римокатолицизмот. Поради невремето Филипинците не успеаа да стигнат до своите фамилии да прослават или останаа заробени во прифатните центри.

Тајфунот Фанфон, кон крајот на денот вчера го погоди островот Самар и потоа помина преку филипинскиот архипелаг, движејќи се кон запад.

До попладнето денеска по локално време не се пријавени жртви, но силните ветрови и невремето предизвикале големи штети. Има уништени куќи, паднати дрва и прекината е струјата во многу градови.

Повеќе од 10.000 луѓе ја поминаа божикната ноќ во училишта, спортски сали или други јавни установи, јавија официјални лица.

Метеоролошката служба соопшти дека тајфунот се засилил во текот на ноќта измеѓу вторник и среда, со удари на ветер кои достигнале 195 километри на час и кои можат да уништат куќи направени од понеквалитетни материјали.

Бројни летови се откажани иако главниот град Манила, денеска е поштеден од тајфунот.

Во просек околу дваесет тајфуни или тропски бури ги погодуваат Филипините секоја година и земаат стотици животи. Во декември годинава во силна бура која го погоди северот на земјата, загинаа 13 лица.