Околку десет месеци пред Божик, еден пензионер почнува да прави рачно изработени играчки за децата.
Тед Бирд (80), од Кардиф, работел во брза помош најголем дел од неговата кариера. По пензионирањето во 2001 година, почнал да помага на „операцијата божикни деца“, која дели подароци на децата околу светот.
Работејќи таму, забележал дека многу голем дел од кутиите за чевли во кои се ставале подароците, не изгледале многу забавно, па тој нашол начин да го промени тоа.
Тед како мал бил чирак во работилница за изработка на мебел од дрво, па тоа знаење успева да го искористи подоцна.
„Кога се пензионирав почнав да си барам занимација за да си го пополнам времето“, вели тој.
„Правам играчки. Отсекогаш ме интересираа дрвените изработки и одлучив да си направам мала работилница по пензионирањето“.
Тед одлучил да ја чува работилницата отворена и сега секој ноември почнува да ги пакува и праќа своите изработки за децата од посиромашните земји, како Молдова и Зимбабве.
Работата всушност почнува многу порано, околу февруари, кога тој почнува да ги изработува малите подароци.
Оваа година тој има направено околу 150 играчки. Мали автомобили, класични игри како х/о, домино табли и други нешта.
„Порано работев многу повеќе, но сега возраста како да ме стигнува“, се смее тој.
Во брзањето пред Божик, работилницата е отворена и по 11 часа дневно. Се пакуваат кутиите и се праќаат до нивните идни сопственици.
„Задоволство ми е што знам дека некој млад човек, кој не го познавам и никогаш нема да го запознаам, таму некаде е среќен бар за момент. Не е некој голем пакет за помош, но мислам дека е забавно“.