Уредено параглајдерското полетиште Татарлија кај Валандово – ММС
ММС

Објавено на: 12/24/19 1:35 PM

Уредено параглајдерското полетиште Татарлија кај Валандово

Полетиштето за параглајдери и змаеви Татарлија во месноста „Татарлиска чука” во близина на Валандово, на кое се работеше во повеќе наврати, е доуредено и до него е изграден тампониран пат за возила со кои може да се дојде до самото полетиште.

Мината година, кога полетиштето доби техничка верификација и беше регистрирано од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство, на него беше одржан првиот натпревар од македонската параглајдинг лига во дисциплината прецизно слетување, по што доби комплименти од сите учесници и препораки за негово доуредување кои конечно финализираа.

–Според своите перформанси ова полетиште спаѓа во средно високата класа и овозможува едрење и прелети,а негова специјалност е дисциплината прецизно слетување, велат од клубот за екстремни спортови „Пеликан” од Гевгелија, кој стопанисува со полетиштето чиј што сопственик е Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Членовите на гевгелискиот клуб за екстремни спортови упатија апел до локалната самоуправа во Гевгелија да посвети внимание и да помогне во доуредувањето и на полетиштето Стајка кај селото Серменин.

–Површината на ова полетиште изнесува осум декари и има три пати поголеми технички можности од полетиштето Татарлија. Поради тоа, Стајка го споредуваат со полетиштето во Крушево, а според селекторот на македонските параглајдеристи Миле Јовановски, е едно од најдобрите во земјава и на Балканот, велат од клубот.

Полетиштата со кои стопанисува клубот за екстремни спортови „Пеликан” од Гевгелија пружаат извонредна можност за развој на алтернативниот туризам кој всушност се темели на екстремните спортови.