„Солен“ шопингот за Солун – наскоро уште една патарина кај Смоквица – ММС
ММС

Објавено на: 12/22/19 7:29 PM

„Солен“ шопингот за Солун – наскоро уште една патарина кај Смоквица

За зимските попусти во Грција, кои почнуваат околу Стара Нова година веројатно ќе се патува со сегашниот начин на плаќање на патарини, но, веќе од крајот на февруари, при користење на патот што води кон преминот „Богородица“, ќе добие нова патарина. Ова на денешната прес конференција го најави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, кој не откри колку ќе се плаќа.

-Патарините не ги измислив јас, не почнаа од нас. Тоа е според методологијата и од претходната влада, иста е методологијата. Се пресметува по километар. Нема ништо променото, изјави Китанов.

Според таа пресметка, новата патарина би можела да изнесува меѓу 60 и 80 денари. Што значи, за близу два месеци, додека да заврши поставувањето на  новата патарина, наместо сегашните 280 денари, за патувањето од Скопје до Гевгелија, ќе треба да се плати  360 денари.

Како што објави „Мета„, Јавното претпријатие за државни патишта годинава ќе ја заврши со рекорден приход прибран од патарините. Во периодот јули – септември 2019 година од овој надоместок се инкасирани 13,7 милиони евра во буџетот на ова претпријатие, што е за 3,9 отсто повеќе во однос на истиот период од минатата година.

За првите девет месеци од годинава, македонските патарини донеле вкупен приход во висина од 31,9 милиони евра. Во сите три квартални извештаи е забележан пораст кај овој надоместок, со што годинава ќе се оствари најдобар резултат во работењето од почетокот на постоењето на патарините во земјава.