Телото на изгорениот Миле не е пронајдено ниту денеска, државата покажа интерес за изгорената куќа на Паунови – ММС
ММС

Објавено на: 12/21/19 7:44 PM

Телото на изгорениот Миле не е пронајдено ниту денеска, државата покажа интерес за изгорената куќа на Паунови

Иако работеа цел ден, крим техничарите на откривање на лешот на велешанецот Миле Паунов и ангажираната механизација на расчистување на гаражот и остатоците од куќата во комплексот Варналиите, сеуште не е пронајдено изгореното тело на старецот. Првите претпоставки беа дека затоа што тој користел само една соба на вториот кат од семејната куќа треба да се пребарува тој дел од купиштата со гараж. Но, до овој момент телото на осумдесетгодишниот велешанец не е пронајдено.

– Се работеше додека не падна мракот но за жал на местото каде се вршеше пребарување а тоа е најладниот дел од куќата не е пронајдено телото на сопственикот на изгорената куќа. На локацијата имало големи количини на гараж. По наредба на Основен јавен обвинител увидот во кој учествува и екипата на СВР Велес е запрен. Ќе продолжи увидот утре недела 22 декември, претпладне, рече портпаролката на МВР Сузања Трањиќ.

Паралелно со потрагата по телото на изгорениот маж денеска се уриваа делови од околните ѕидови на куќата кои останаа по пожарот. Багер  веднаш го изнесуваше шутот од парцелата на која до вчера вечер, 20 декември 2019 година, до 23 часот, куќата постоеше. Тракторите го изнесуваа надвор од плоштадката кај  Варналиите и го транспортираа на градската депонија за шут.

Засега првичните проценки се дека куќата се запалила од кварцна печка на која се греел Миле или од опушок од цигара.

Соседите ноќеска предочија дека Паунов последен пат го виделе околу 19 часот во расправија што на повисок тон ја водел пред куќата.

Загубата на човечкиот живот е безценета но кога станува збор и за куќата на Паунови како дел од комплексот во месноста Варнали станува збор за голема загуба за Велес. Таа заедно со куќите на Прнарови и Тренчови , од лева страна, и исто така на Маневи од десна страна на улицата Јован Алабаков се меѓу најстарите во градот. Куќите се изградени во 1868 година и најавтентично ја прикажуваат познатата велешка староградска архитектура. Освен што претходната држава, во 1964 година, куќите ги прогласила за културно наследство ни таа ниту сегашната им помага на сопствениците да ги одржуваат.

– Државата не им помага за реконструкција и адаптација, за да можат сопствениците во нив да живеат, и во исто време да бидат споменици на културно наследство. Сопствениците немаат никаква помош ни во намерата да ги направат своите куќи енергетски ефикасни. Освен судирот со законската регулатива треба да се потенцира уште негрижата на општеството да издвои потребн фнансиски средства, рече Градоначалникот Коцевски.

Потрагата по згореното тело на велешанецот Миле и изгорената куќа на Паунови денеска се единствената тема во разговорите на граѓаните во Велес. Тие велат дека од денеска оваа убава градска куќа единствено ќе може да се види во спотовите на Млчо Манчевски и ако е сочувана во архивите на медиумите. Ќе биде актуелна и утре а можеби и уште неколку дена. Потоа е неизвесно дали ќе го предизвика вниманието на институциите и на државата за поголема грижа за заштита на културното богатство на Велес. /У.Ј