Француската компанија за интернет и телекомуникации „Оранж“ е прогласена за виновна за низа самоубиства на работници додека фирмата се приватизирала. „Оранж“ е казнет со 75.000 евра, а поранешниот директор Дидие Ломбар е осуден на четири месеци затвор и на парична казна од 15.000 евра.
Серијата трагедии почнала со обидот компанијата да укине 22.000 работни места и да прераспореди уште 10.000 вработени за да се сприспособи на конкуренцијата. Обвинителите наброија најмалку 18 самоубиства и 13 обиди за самоубиство од април 2008 до јуни 2010 година.
Синдикатите тврдат дека раководството ги принудувало вработените да ја напуштат работата или да ја прифатат прераспределбата.
И останатите раководители се осудени на затворски и парични казни, а уште се чека одлука дали команијата ќе мора да плати и отштета од два милиона евра.
„Оранж“ и понатаму е водечка француска телефонска компанија и работи во 26 земји во Европа, Азија и Африка.