Со транспаренти „Сакаме да дишеме “ скопските средношколци протестираа пред Собранието, по што маршот го продолжија пред Министерството за животна средина каде се соединија со соученици од многу училишта.Протестот продолжи пред Владата, каде извикуваа: „ Дајте воздух“ и „Други се богатат, ние се труеме“ . Учениците продолжија са маршираат низ центарот на градот кон Владата. Големата група ја предводат млади со тапани и огромен транспарент „Средношколците сакаат да дишат”.Претходно во неколку училишта тие бојкотираа настава и со заштитни маски излегоа во училишните дворови.
На денешниот протест против загадениот воздух, дел од демонстрантите почнаа да скандираат „Никогаш северна, само Македонија“. По ова, претставници на „Зелениот фронт“ ги искараа дека тоа било политичка парола, а протестот бил граѓански.
Денешниот протест беше во организација на средношколците и движењето „Fridays for future“, како и иницијативата „Зелен фронт“.
Во текот на денот на протест излегоа средношколци од Струмица, кои го изразија својот револт поради аерозагадувањето во Струмица и како што изјавија, недоволната заинтересираност на надлежните за овој проблем.
Учениците се пожалија на притисоците од професорите и директорите на училиштата поради што немаше масовност на протестот на струмичкиот плоштад.
Младите го повикаа уште еднаш градоначалникот и до надлежните институции, да се погрижат повеќе за околината да добие чист воздух.


