Премиерката на Финска се залага за пократка работа: Зошто не за работна недела од 24 часа? – ММС
ММС

Објавено на: 12/18/19 3:33 PM

Премиерката на Финска се залага за пократка работа: Зошто не за работна недела од 24 часа?

Премиерката на Финска, Сана Марин, најмладата лидерка на некоја европска влада, позната е како поддржувач на пократка работна недела.

Марин, додека беше министерка за транспорт и врски во август оваа година, привлече внимание во рамките на својата партија дека би требало да се размисли за пократка работна недела.

„Четиридневна работна недела, работен ден од шест часа. Зошто тоа не може да биде следниот чекор? Дали работното време од осум часа е навистина ултимативната вистина? Мислам дека луѓето заслужуваат да поминуваат повеќе време со своето семејство, со оние кои ги сакаат, да имаат време за хоби и други аспекти на животот, како што е културата. Тоа би можело да биде следниот чекор за нас и нашиот работен живот“, изјави таа.

Меѓутоа, нејзиниот предлог опозицијата го дочека на нож, повикувајќи се на тоа дека истражувачкиот институт на финската економија (ETLA) идентификувал продолжување на работното време како најефикасна мерка за унапредување на конкурентноста во последните години.

ETLA објави дека 24-часовното зголемување на годишното работно време претставува 40 проценти од влијанието врз вработеноста на сè уште тековниот пакт за конкурентност. Прилагодувањето на работното време промовира вработување и конкурентност кога или се намалуваат трошоците за работна сила или ја зголемува продуктивноста на работна сила.

Нивната теза е дека луѓето не би добиле ништо ако нивната заработка се намали во согласност со намалувањето на бројот на работни часови. Тоа значи, како што објаснуваат, дека проектот би бил изводлив само доколку заработките би останале непроменети.

Тоа, како што велат, од друга страна ќе ги зголеми трошоците на работодавачите толку многу што трошоците за работна сила ќе станат невозможни.

Извор: denar.mk