Со новиот закон за легализација на дивоградби што влезе во собраниска процедура, во рамки на Охридскиот регион ќе можат да се легализираат само оние објекти што претставуваат функционална целина до 1 октомври годинава и кои според студиите за оцена на влијанијата врз животната средина и врз културното наследство не ги загрозуваат универзалните вредности согласно препораките на УНЕСКО, информира денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Законот се однесува на дивоградби изградени заклучно со 1 октомври годинава, а исклучок ќе бидат тие со намена А2 односно домување во станбени згради како и нелегални доградби и надградби на зградите, како на пример тераси.
Со законот, рече на прес-конференција Сугарески, не можат да се легализираат бесправно изградените објекти изградени во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во Списокот на светското природно и културно наследство на Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на Обединетите нации и за кои објекти во студиите за оцена на влијанијата врз животната средина и врз културното наследство, што се спроведуваат согласно препораката број 9 од Извештајот за реактивната мониторинг мисија од април 2017 година на Центарот на Светското наследство, е утврдено дека ќе ги загрозат Исклучителните универзални вредности.
Одговарајќи на новинарски прашања Сугарески појасни дека во меѓувреме, по првите објави за содржината на законот кога беше кажано дека цел Охрид и Струга не се опфатени со него, се доработувале дел од работите со министерствата за животна средина и просторно планирање и за култура.
– Секаде во законот стои дека се прибавува согласност од институциите како што на пример беше за Охридско-струшкиот регион во делот на плановите. Сега таму има мораториум. Меѓутоа, претходно пред да го одобри Министерството за транспорт и врски за да го даде на Советот мислење даваше Комисијата при УНЕСКО. Така е и овде исто. Значи, станува збор за објекти каде што мора да биде прибавена согласност без која нема да може да се легализира објектот, наведе Сугарески.
Целта на законот, нагласи, е да се обидеме да ставиме крај со изградба на бесправни градби и узурпација на просторот.
За легализацијата ќе се плаќа целосен износ на комуналиите за дивоградбата плус 50 проценти од тој износ како казна, помножено со површината што ќе се утврди со геодетскиот елаборат. За да се легализира инфраструктурен пак, ќе се плаќа 10 евра по метар квадратен.
Тие кои почнале легализација со постојниот закон ќе плаќаат според старите одредби, односно евро за метар квадартен. Одбиените со постојниот закон или тие кои не ја комплетирале документацијата во претходните рокови ќе плаќаат за легализација според новиот закон.
Сугарески потенцираше дека за да може да се легализира бесправен објект изграден заклучно со 1 октомври годинава тој треба да е компатибилен со намената на планската документација, а доколку постои неусогласеност со неа или пак објектот се наоѓа надвор од плански опфат, Советот на општина треба да одлучи дали ќе може да се вклопи во планската документација.
Како што информира Сугарески, за бесправни објекти изградени во одредени заштитени подрачја, како на пример заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, национални паркови се предвидува да се побара согласност за легализирање од органите надлежни за управување со тие подрачја.
– Останува решавањето на статусот на два начина, или легализација или рушење, нагласи Сугарески. Тој потенцира дека барање и решавање на статус е многу различно, затоа што, како што рече, барање може да поднесе секој, но доколку е потребно мора да има согласности од надлежните институции.
Конкретно, се предвидува можност за легализација на дивоградби кои се предвидени со Законот за градење или друг закон, помошни градби (гаража, остава) кои се во функција на објект за домување или друг вид на објект, базени на ниво на терен за индивидуална употреба, времени објекти наменети за домување како и објекти за примарна обработка на земјоделски производи (освен настрешници и објекти за времено сместување) согласно Законот за земјоделско земјиште кои се изградени на градежно земјиште, а кои претставувуваат градежна и функционална целина заклучно со 1 октомври годинава. Ќе можат да се легализираат и бесправните објекти од јавен интерес утврден со закон, чии иматели се државни органи или општините или правни субјекти основани од државата, кои заклучно со 1 октомври 2019 година се градежна целина.
Барањата за легализација треба да се достават во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на законот, а толку изнесува и рокот за комплетирање на барањето со потребната документација која останува иста. Треба да се достават геодетски елаборат, копија од лична карта или уверение за државјанство за физичко лице, извод од Централен регистар за правно лице, доказ за приклучок на дивоградбата на водоводна или електроенергетска инфраструктура или сметки за вода или струја, а доколку објектот нема инфраструктурни приклучоци, изјава заверена кај нотар со која барателот ќе потврди кога бил изграден објектот.
Законот е подготвен заедно со Заедницата на единиците на локална самоуправа и како што посочи ресорниот министер може да претрпи измени во тек на собраниската процедура.
Со постојниот закон за легализација што е во сила од март 2011 година во Катастарот се впишани 245 илјади објекти, а беа поднесени 430 илјади барања за легализација.
МИА