Граѓаните се почесто реагираат на загадениот воздух, стравувајќи за своето здравје, но воопшто не знаат дека своето здравје го нарушуваат и со исхраната, вели професор д-р Ристо Вучков. Тој алармира дека подеднакво штетно за здравјето на граѓаните е и консумацијата на овошје и зеленчук кои се контаминирани со пестициди и остатоци од минералните ѓубрива кои неконтролирано се користат во земјава.
Овој стручњак од областа на заштитата на земјоделските култури е дециден дека земјоделците го загрозуваат своето здравје кога неконтролирано вршат прскање на насадите, често и со отрови од прва група, но потоа со земјоделските производи кои се непотребно третирани со пестициди и минерални ѓубрива се загрозува и здравјето на консуматорите на таа храна.
„Најмалки се размислуива на оној таен, невидлив убиец кој е присутен во Македонија. Јас знам во Кавадарци колку илјадници тони пестициди и минерални ѓубрива неконтролирано се употребуваат. Во Струмица се трошат два пати повеќе. Медицинарите го кријат процентот на канцерогени заболувања на ниво на држава“ вели Вучков.
За него е несватливо што никој во државата не водел грижа за овој огромен проблем.
„За тоа постојат институции кои земаат пари од буџетот, стручни лица, факултети за извоз и на крај имаме обезвреднает не едуциран производител кој користи поестициди по некои сопствени убедувања или по убедување на аптекарите кои живеат од незнаењето на производителот“ додава проф. д-р Вучков.
Тој апелира државата да започне со поголема контрола врз досегашната неконтролирана употреба на пестицидите и ѓубривата, а исто така производителите да се едуцираат дека средства за заштита се употребуваат само по утврдена дијагноза од стручни лица, а минерални ѓубрива по направена лабораториска анализа на почвата. Укажува дека доколку сакаме да извезуваме земјоделски производи на пазарите во Европската Унија, едукацијата на земјоделците да почне час поскоро, но тоа е потребно и за заштита на здравјето на производителите и консуматорите на овошје и зеленчук.
Ангел Данов