Блупринт групата: Правните последици од процесот на лустрација сè уште остануваат во сила – ММС
ММС

Објавено на: 12/13/19 12:35 PM

Блупринт групата: Правните последици од процесот на лустрација сè уште остануваат во сила

Блупринт групата за правосудство алармира за недостатокот на правен механизам за поништување на мерките и правните последици од процесот на лустрација. Процесот на лустрација кој започна во 2008 година и претрпе измени во 2012 година, по кажување на тогашната власт требаше биде дел од транзиционата правда која ќе овозможи полесен преод од поранешниот режим конградење плурална демократија во Република Македонија, меѓутоа набрзо се претвори во алатка за политички реваншизам.

Првиот закон за лустрација во Македонија, Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција–познат како „Закон за лустрација”, беше донесен во 2008 година, со наводна цел за решавање на неправдите од минатото и чистка на поранешните информатори на тајните служби од јавните функции. Во 2010 година Уставниот суд на РМ одлучи дека временската рамка во која се спроведува Законот за лустрација не е во согласност со Уставот. И по измените на овој закон, Уставниот суд, во 2012 година, повторно одлучи дека и измените на Законот за лустрација не се во согласност со Уставот на РМ. По овие одлуки на Уставниот суд, во средината на 2012 година, Собранието на Република Македонија го донесе вториот закон за лустрација – Закон за определување услов за ограничување вршење јавна функција, пристап до документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, без согласност на политичките партии од тогашната опозиција и со целосно игнорирање на претходните одлуки на Уставниот суд на РМ.

Во извештајот на експертската група од Европската комисија, познат како „Извештајот на Прибе”, беше нагласена исполитизираноста на процесот, непостоењето на независна комисија и постоењето одредени недостатоци кај овој закон. Како последица од овие заклучоци експертската група, во делот препораки, сугерираше дека власта треба да размисли за негово целосно повлекување.

По овој предлог Собранието донесе Закон за укинување на Законот за лустрација, со можност кај започнатите предмети истиот сè уште да се применува уште одреден временски период, со што, во суштина, не се исполнија препораките на експертската група.И покрај укинувањето на спорниот закон во 2015 година, правните последици за лустрираните продолжуваат да важат, кои и понатаму немаат механизам за заштита на нивниот личен интегритет и достоинство.

Имено, кон срединатана јули 2012 година, престана да важи Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција од 2008 година и се замени со нов Закон за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработка со органите на државната безбедност (Закон за лустрација).

Со новиот Закон беше воспоставена Комисијата за верификација на фактите (т.н. Комисија за лустрација) со надлежност да собира, истражува, анализира и оценува документи кои содржат информации за кршење или ограничување на основните права и слободи на граѓаните од политички и идеолошки причини до 1991година, но и од политички, идеолошки и партиски причини од 1991 до 2006година.

Законот за лустрација наиде на остри критики од домашната и меѓународната заедница, кои предупредија на недостатоците и нејаснотиите кои отвораа можност за злоупотреба. Венецијанската комисија уште веднаш забележа дека е нејасно објаснувањето во Законот залустрација кој сè може да биде лустриран, односно лустрацијата треба да биде ограничена на позиции за кои има сериозна причина да се верува дека лицето ќе претставува сериозна опасност за човековите права и за демократијата. За лустрацијата која се спроведува повеќе од 20 години по завршувањето на тоталитарното владеење, потребни се неспорни и силни аргументи. Опфаќањето на толку долг период, дури 60 години наназад, според Комисијата, може да се оправда со крајно тешки злосторства, кои подлежат на Кривичниот закон.

Неколку здруженијата на граѓани детектирајќи го процесот на лустрација како атак на владеењето на правото и од гледна точка на хуманоста, на приватноста, како и од морален и етички сегмент, презедоа акции со цел намалување на негативните последици од неправилниот и злоупотребен лустрациски процес.Во април 2014 година, Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе иницијатива до Уставниот суд за укинување на Законот за лустрација. Со мнозинство гласови против, Уставниот суд не спроведе постапка за Законот за лустрација.

Институтот за човекови права од октомври 2015годинадо септември 2016годинауспешно го реализираше проектот „Зајакнување на човековите права во процесот на лустрација”, поддржан од Холандската амбасада во Скопје во чиирамки се објави и анализата „Човековите права во процесот на лустрација” која во детали укажува на прекршувањата на човековите права во овој процес.

Фондацијата Отворено општество –Македонија спроведе неколку проекти меѓу кои: „Разоткривање на скриената историја: Лустрација во земјите од Западен Балкан”, поднесување на иницијативи пред Уставниот суд за преиспитување на уставноста и законитоста на Законот за лустрација од 2008 година, потоа дебата со наслов „Што носи новиот Закон за лустрација? Ослободување од наследството на поранешниот комунистички режим или легализација на политичкиот реваншизам?” како и подготовка и промоција на книгата „Македонската лустрација (1999 –2012 година)”.

Во меѓувреме, Комисијата за лустрација, пристапи кон проверкана илјадници тајни досиеја (вкупно околу 30 000) и над 200 лица прогласи за поранешни соработници, а лустрирани беа над 300 лица. Според Законот, на овие лица им е забрането да работат во државните институции.

Иако согласно целта, би се подразбирало декадека лустрацијата е наменета за лица кои би биле во можност да бидат и во иднина на јавна функција, што логично значи дека се исклучуваат пензионерите, освен ако повторно бидат избрани да извршуваат јавна функција, и особено починатите лица, поради реалната невозможност повторно да бидат на јавна функција, во процесот беа лустрирани и пензионери и починати лица, во што конкретно е видлива злоупотребата на лустрациски процес.По критиките од Брисел откако прислушуваните разговори што ги објави опозицијата, сугерираат дека владата на Груевски се мешала во процесот на лустрација, во 2015 година пратениците од владејачките партии конечно преземаа чекори со кои се стави крај на контроверзниот процесот на лустрација. Но, и покрај укинувањето на Законот за лустрација, последиците по лустрираните лица се уште остануваат на сила, без можност за нивно поништување.

Во Стратегијата за реформи на правосудниот сектор 2017 –2022 година, власта се обврза да ги санира штетните последици по лицата кои беа жртви од овој закон преку воспоставување на законска рамка за поништување на мерките и правните последици од процесот на лустрација. Овие заложби, Министерството за правда требаше да ги остваризаклучно со декември 2017 година, меѓутоа и по истекот на две години од стратешкиот рок, ваква законска рамка се уште не е воспоставена. Останува задолжението на надлежните институции да обезбедат услови за во соодветна постапка да се санираат негативнитепоследици и да се даде можност на жртвите од неправилниот и злоупотребен лустрациски процес да остварат надомест за сторената неправда и штета, а државата преку примена на принципот на објективна одговорност да ги обештети жртвите.

Хелсиншки комитет за човекови права