По вчершната седница во Софија, Бугарската академија на науките се огласи со став дека македонскиот јазик не постои и оти тој е „писмено-регионална норма“ на бугарскиот јазик. Македонската позиција е лажна, велат од БАН.
Со тврдењата дека постои македонски јазик се нарушуваат односите меѓу двете земји, оценуваат бугарските академици испровоцирани од Повелбата на Македонската академија на науките и уметностите од 3 декември. Бугарската академија на науките (БАН) вчера попладне усвои став сличен на оној на државниот врв во Софија искажан во декларацијата од октомври годинава, дека македонскиот јазик е наречје на бугарскиот, а придружните документи содржат и серија квалификации и навреди за македонскиот јазик.
„Главниот карактеристичен квалитет на нашиот заеднички јазик е неговата аналитичност- меѓу сите други словенски јазици само бугарскиот е аналитичен“, наведуваат од бугарскиот Институт. Македонскиот јазик е „бугарски, напишан на српска машина за пишување“, наведуваат од Институтот повикувајќи се на цитат на неименуван австриски лингвист.
Ставовите на бугарските академици се на линија на декларацијата која на 9 октомври годинава ја усвои бугарската влада, а ден потоа и парламентот во Софија. Во неа беа наведени серија услови и закани за блокада на Скопје на патот кон ЕУ, а, меѓу другото, беше акцентирано и дека во документи на ЕУ не смее да се споменува македонскиот јазик.


