Бројот на жртвите во катастрофалниот земјотрес во Албанија, огромниот број на разурнати објекти се должи главно на несоодветните градби и нивната асеизмичката стабилност, велат првичните направени анализи по катастрофалниот земјотрес во чија што подготовка зеде учество и командирот на Штипската ТППЕ, Тони Атанасов.
Освен со спасувачки екипи во првиот ударен бран по земјотресот каде заминаа 42 лица ,дел од нив од силите на ДЗС за брза интервенција , дел од кризниот менаџмент и пожарникарски екипи, Албанија побарала и експерти за да помогнат во согледување на аномалиите на нејзиниот систем за заштита и спасување , за што се обратила до Асоцијацијата на општини на ЈИЕ .
,,Асоцијацијата се обратила до сите општини и беше направен избор јас да земам учество како експерт. Мојата задача беше да се согледа како функционира системот за заштита и спасување, да дадам совети , се’ со цел тој да биде подобар и да не се случуваат такви тешки последици при различни несреќи. Имав можност при четиридневната посета да се сретнам со првите луѓе во областа на заштитата и спасување,“ вели Атанасов.
Тој тврди дека нашиот систем за заштита и спасување во секој случај има многу подобра организираност и поголема вклученост на институциите.
,, Во Албанија системот за заштита и спасување некако се потпира само на постојните единици на ТППЕ. Видовме дека и тие кубурат со опрема и непотполност, но немаат сили за брза интервенција при ДЗС, немаат кризен менаџмент, вклученост на јавните претпријатија и градежни фирми. Тие тоа го немаат разработено во системот и токму во таа насока ќе се движи идната организациска поставеност. Нивните противпожарни единици се малубројни и неподготвени за една ваква голема катастрофа,“ образложи Атанасов.
Во местата погодени од земјотресот можат да се забележат,вели Атанасов, згради комплетно срушени а други згради до нив целосно зачувани. Згради уште од времето на режимот на Енвер Хоџа, градени според некои тогашни стандарди, со огромни болјери на рамните кровови попуштиле меѓу другото и од тежината на тие инсталации, кои предизвикале огромни штети, и материјални и човечки.
Една од политичките борби кои што во моментов се води во Албанија по земјотресот е настојувањето на позицијата што побргу да се расчистат рушевините и да се започне со градење и насојувањето на опозицијата прво да се изврши истрага за причините за големиот број на разрушени градби.