На денешен ден 10 декември 2019 – ММС
ММС

Објавено на: 12/10/19 8:43 AM

На денешен ден 10 декември 2019

Денес е Меѓународен ден на правата на човекот

1520.- Германскиот црковен реформатор Мартин Лутер ги прекинал сите врски со Рим.

1603.- Умрел англискиот лекар и физичар Вилијам Гилберт, наречен „татко на електрицитетите“, личен лекар на кралицата Елизабета Прва. Во физиката се прославил, иако таа гранка му била само хоби, со капиталното дело „За магнетите“. Докажал дека Земјата е голема топка-магнет и дека иглата на компасот не управува според небото, како што дотогаш се верувало, туку според магнетните полови на планетата. Со сфаќањата на магнетизмот на небеските тела и електрицитетот силно влијаел на развојот на науката во 17. век.

1822.- Роден е Сезар Франк, француски композитор од белгиско потекло, оргулист, еден од најголемите творци во француската музика во 19 век.  Дела: „Симфонија d-mol“, симфониските поеми „Eolides“, „Psyche“, „Les Djinns“, „Симфониски варијации за клавир и оркестар“, соната за виолина и клавир, клавирски квинтет, композиции за оргули и за клавир. Умрел на 8 ноември 1890 година.

1830.- Родена е Емили Дикинсон, најголемата американска поетеса. За време на својот прозаичен живот на осамена домаќинка објавила само четири песни, додека посмртно биле откриени повеќе од илјада песни, а потоа објавени во шест тома. Умрела во 1886 година.

1845.- Англискиот градежен инженер Роберт Томпсон ја патентирал првата пневматска гума.

1868.- Првите семафори за регулирање на сообраќајот во светот почнале да работат во Лондон, на булеварот пред зградата на парламентот.

1896.- Во Сан Ремо умрел Алфред Нобел, шведски хемичар, пронаоѓач и индустријалец. Во 1867 година го пронашол динамитот, а во 1886 година балиститот, еден од првите барути без чад. Патентирал повеќе од 100 изуми. Од производството на динамитот се збогатил, па во тестаментот од 27 ноември 1895 година, оставил фонд од 9,2 милиони долари за доделување награди за вонредни достигнувања на подрачјето на физиката, хемијата, медицината, литературата, за залагањето за мир и за економија. Таа, денес најпрестижна светска награда е именувана според него – Нобелова награда. Наградите првпат биле доделени во 1901 година. Роден бил во Стокхолм на 21 октомври 1833 година.

1898.- По поразот во америкаснко-шпанската војна, Шпанија во Париз со мировен договор се откажала од Куба, Порторико, Гуама и Филипини. Тоа бил крајот на шпанското колонијално царство освен во териториите во Африка.

1911.- Во Каиро е роден Нагиб Махфуз, египетски филозоф, белетрист и драмски писател. Во 1988 година ја добил Нобеловата награда за литература за творештвото што и придава на арапската белетристика општочовечка вредност. Познати негови дела се „Виор на лудоста“, „Игри на судбината“, „Новото Каиро“, „Почеток и крај“, „Крадецот и кучињата“, „Меден месец“ и други. Умрел во 2006 година.

1913.- Познатата слика на Леонардо да Винчи „Мона Лиза“ била вратена во парискиот музеј Лувр, од каде што две години порано била украдена.

1948.- Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации, во Париз, во Палатата Шајо, ја усвоило Декларацијата за правата на човекот, па тој ден се прославува како Ден на правата на човекот.

1955.- Роден е Ким Мехмети – романсиер, раскажувач, есеист, полемичар, публицист и преведувач. Пишува и публикува на мајчиниот албански и на македонски јазик. Попознати негови дела се: „Седум ноќи тага”,„Начек”,„Рибата екстазис”,„Селото на проколнатите деца”,„Село без гробишта”, „Ритуалите на Нишане”,„Куќата на крајот од селото”. Неговите творби се преведени на германски, англиски, бугарски, француски, турски, хрватски и други јазици. Застапен е во повеќе антологии и добитник е на значајни меѓународни награди.

1964.- Познатиот црнечки политичар и борец за црнечките права во САД Мартин Лутер Кинг ја добил Нобеловата награда за мир.

1967.- Првата комерцијална термонуклеарна експлозија била извршена во Ново Мексико (САД). Причината била вадење природен гас од подземјето.

1982.- Двајцата советски космонаути се вратиле на Земјата по рекордни 211 дена поминати во вселената во бродот „Саљут 7“.

1983.- Раул Алфонсин ја презел должноста претседател на Аргентина како прв демократски избран шеф на државата по осумгодишното владеење на воената хуната.

1992.- Британскиот престолонаследник принцот Чарлс и неговата сопруга, принцезата Дајана се развеле. Нивното венчавање во катедралата Сент Пол на 29 јули 1981 година било светски медиумски настан.

1996.- Претседателот на Јужна Африка Нелсон Мандела го потпишал уставот со кој сите граѓаните, без оглед на расата, станале исти пред законот. Тоа бил завршниот чин во демонтирањето на системот на апартхејдот.

1998.- Палестинската ослободителна организација ги поништила одредбите во својот устав кои повикувале на уништување на Израел.

1998.- Во Скопје бил отворен постојан конзулат на Канада во Македонија.

2000.- Во Скопје умрел Хари Миновски, македонски новинар. Роден бил во Скопје, на 20 март 1930 година.

2006.- Умрел поранешниот чилеански диктатор Аугусто Пиноче. На власт дошол со воениот удар во 1973 година, кога бил тргнат легално избраниот претседател Салвадор Аљенде. На чело на Чиле бил до 1990 година. Под негов режим биле убиени, од политички причини, речиси 32.000 луѓе, а близу 30.000 трпеле разни облици на репресија. И покрај бројните обвиненија, ниеден судски процес против него не бил изведен до крај.

2013.- На Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОЗХО) во Осло и била врачена Нобеловата награда за мир за 2013 година. Генералниот директор на ОЗХО, Ахмет Узумцу, која ја примил наградата во вид на медал, диплома и осум милиони шведски круни (895.000 евра), истакнал дека уништувањето на хемиското оружје е „благородна цел“. Нобеловата награда за мир се врачува во Осло, додека Нобеловите награди за останатите категории се доделуваат во Стокхолм, по желба на основачот Алберт Нобел.

2015.- Американскиот актер Роб Лоу, кој се прославил со улогата во филмот „Аутсајдери“ и телевизиската серија „Западно крило“, добил своја ѕвезда на холивудската Алеја на славните. На свеченоста на откривањето на ѕвездата 51-годишниот Лоу беше придружуван од актерката Гвинет Палтроу. Според податоците на холивудската комора, Лоу стана 2.567-та „ѕвезда“ на Алејата на славните.

2015.- Во норвешкиот главен град Осло се одржа церемонијата за доделување на Нобеловата награда за мир, чии овогодишни лауреати се четири граѓански асоцијации кои придонесоа за спроведување на демократската транзиција во Тунис. Покрај Лигата за човекови права, овогодишни добитници на Нобеловата награда за мир се и Тунискиот генерален синдикат на трудот, Туниската конфедерација на индустријата, трговијата и занаетчиството и Туниската адвокастка организација.

2015.- Новоизбраниот претседател на Аргентина, Маурицио Макри е инаугуриран на функцијата на традиционалната свеченост во Буенос Ајрес. Церемонијата на инаугурацијата ја бојкотираше досегашната претседателка Кристина Фернадез де Кирхнер, која се појави само во Конгресот, а не учествуваше во ниту една друга церемонија поврзана со стапувањето на должност на новиот шеф на државата. Ова е прв пат во земјата, од 1983 година и падот на хунтата, досегашниот претседател да одбие да присуствува на церемонијата за инаугурација на неговиот наследник.