„Министерството за здравство денес буквално го призна скандалот со уништување на инсулин со валиден рок, колку и да се крие зад манипулативни соопштенија. Министерството за здравство потврди дека уништило инсулин со валиден рок“, стои во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.
Тие велат дека кога веќе се признал скандалот тежок 1,5 милиони евра, тогаш треба и да се понесе и одговорност.
„Уништени се количини од инсулин кој го произведува една од најреномираните светски компании, која со своето реноме стои зад квалитетот и не се работи воопшто за неквалитетен инсулин. Ги повикуваме министерството за здравство да ја објавата целата документација за ова скандалозно уништување и ако имаа храброст нека објаснат како инсулинот произведен од една од најреномираните светски компании бил неквалитетен“, велат од ВМРО ДПМНЕ.
Уништениот инсулин имал рок на употреба до 6 и 7 месец наредната 2020 година, што го отвора сомнежот дека крајната цел била да се создаде во наредниот период инсулинска криза во Македонија, која после би се менаџирала со интервентна набавка.
Оваа уништена количина има пазарна вредност од 1,5 милиони евра и за таа сума постои штета по буџетот за која некој треба да одговара.