Министерството за здравство преку соопштение го повика ВМРО-ДПМНЕ да одговори зошто набавувало сомнителен инсулин и да не манипулира на сметка на здравјето на пациентите. Уништувањето на инсулинот, посочуваат од Министерството, е од стоковите резерви и станува збор за инсулин набавен со паралелен увоз во време на ВМРО-ДПМНЕ, а неговото отстранување е направено со одлука на Владата.
– Нема да дозволиме нашите граѓани да користат сомнителен инсулин. Уништениот инсулин од паралелен увоз е вреден 330 илјади евра, а не еден ипол милион евра како што говорат во нивната прес-конференција. Еден од најголемите проблеми во здравството во владеењето на претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше набавката на лекови со паралелен увоз и сомнителен квалитет, стои во соопштението.
Владата, посочуваат од Министерството, направи суштински реформи во здравствениот систем.
– Со донесените измени и дополнувања на Законот за лекови и медицински средства, сега сите пациенти со дијабетес имаат оригинални инсулини со сертификат за квалитет. Пациентите користат квалитетни и оригинални инсулини. Не е како порано пациентите да не знаат каков инсулин примаат. Прашајте ги пациентите дали беа задоволни од инсулините од паралелен увоз со сомнителен квалитет и потекло. И прашајте ги сега, колку се задоволни од новите инсулини кои се оригинални. Воведовме три нови типови на инсулини, кои се најнова генерација на лекови, истакнуваат од Министерството.
Наведуваат дека со укинувањето на паралелниот увоз на лекови го загарантирале квалитетот на инсулин и пациентите со дијабетес имаат најквалитетна терапија и во континуитет се снабдени со инсулин во соодветни рокови и со подобар квалитет. Апелираат до ВМРО-ДПМНЕ да престане да креира лажни вести и преку манипулации да собира дневно политички поени.