Велешки театар: Дезинформации и конструкции се пласираат на штета на велешки театар – ММС
ММС

Објавено на: 12/6/19 5:34 PM

Велешки театар: Дезинформации и конструкции се пласираат на штета на велешки театар

Пробите на двете претстави во подготовка течат додека прикажувањето на репризите на репертоарот на велешки театар се запрени, во изминатите 10 дена, поради непотпишаната Одлука за избраниот најповолен добавувач на нафта за затоплување на зградата. Тендерската постапка навреме е започната. Ова го тврдеа денеска дел од актерите кои беа во театарската зграда во објаснувањето за предвреме потрошената количина на нафта, споредено со претходните години. Тие ги броеја сите подготвени премиери и одиграни репризи на претстави  како и одржани манифестации во објектот кој „ширум им ги отвори вратите“ за да се одржат во градот.

Во официјалниот став на в.д директорот Александар Ивановски, на кого вчера, среда 4 декември, му започна третиот мандат во  НУ Центар за култура „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ тој вели дека станува збор за јавна годишна тендерска постапка во која единственото доцнење во процедурата е што кога е избран најповолниот понудувач не бил избран првиот човек на културната институција.

– Во моментот кога Министерството за култура ја донесе Одлуката за в.д директор и ме именуваше јас ја потпишав Одлуката за снабдувач со нафта и процедурата си продолжи по својот тек. Огромен број на дезинформации и конструкции деновиве се пласираат во јавноста кои немаат друга цел туку да донесат штета на нашата институција и врз односот со Министерството за култура, рече Ивановски.

Тој се чуди зошто од потрешената количина на нафта е направен скандал.

– Се должи на работа. Искрено малку ми е чудно тоа што се тврди дека сме ја потрошиле нафтата и тоа е скандал. Сега треба да се испочитува рокот од пет дена за жалби.Ако нема жалби одлуката е ефективна и достава на нафта ќе се направи веднаш со што ќе продолжат јавните настани ако можам така да кажам. Инаку, пробите течат и продолживме со подготовката на двете престави. Единствено го запревме репертоарот поради публиката, поточно условите во кои требаше да ги следи претставите ,додаде Ивановски.

Инаку, ова не е прв туку втор пат велешки театар во новиот објект да нема доволно нафта за греење. Претходно во иста состојба беше и во месец февруари 2015 година.