Димитров на 26. Министерски совет на ОБСЕ во Братислава – ММС
ММС

Објавено на: 12/5/19 8:27 AM

Димитров на 26. Министерски совет на ОБСЕ во Братислава

Делегација на Северна Македонија предводена од министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска и утре, ќе учествува на 26-от Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), што ќе се одржи во Братислава, Словачка.

На Министерскиот совет, министрите за надворешни работи на земјите членки на ОБСЕ ќе разменат мислења за работата и активностите на Организацијата во изминатиот едногодишен период, во рамките на словачкото претседавање со ОБСЕ.

Воедно, се очекува да се усвојат и поголем број одлуки и декларации што се однесуваат на дејствувањето во трите димензии на Организацијата: политичко-воената, економско-еколошката и хуманата димензија.

Министерот Димитров ќе се обрати на Министерскиот совет и ќе ги претстави ставовите на Република Северна Македонија за актуелните прашања на агендата на Организацијата.

На маргините на Министерскиот совет, министерот Димитров ќе оствари средби со високите претставници на институциите на ОБСЕ, како и со министрите за надворешни работи на земјите членки на Организацијата.

МИА