Со поддршка од Владата, Европска Унија и Светска банка се зголемуваат понудените содржини за туристи во Малешевијата преку потпроектот „Планински велосипедизам” на здружението Малешевска корија во вредност од 3,2 милиони денари, кој е дел од Проектот за локална и регионална конкурентност.
На промоцијата во Берово вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека „Планински велосипедизам” е еден од вкупно 47-те потпроекти кои во моментот се спроведуваат во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност и додаде дека се надева оти преку оваа активност ќе бидат привлечени многу туристи.
-Потпроектот кој се спроведува во Берово покрај тоа што има економска компонента има и социјална компонента и уште една подлабока компонента, а тоа е дека со збогатување на туристичката понуда, се зголемуваат можностите како младите луѓе од Берово, но и од целиот Малешевски регион да обезбедат своја егзистенција и иднина и да продолжат да живеат во регионот и да не ја напуштат нашата убава држава”, нагласи вицепремиерот Анѓушев.
Целиот буџет за Проектот за локална и регионална конкурентност, што е дел од ИПА програмата, посочи, е во форма на грант во вредност од 18 милиони евра, како и 3,2 милиона евра сопствено учество на нашата држава.
-Досега се потпишани 47 договори за подпроекти и во 2020 година очекуваме да биде завршната имплементација на проектот, кога и ќе бидат и потрошени најголем дел од средствата. Претходно беа извршени подготвителни работи во делот на создавање на проектот, спроведување на тендерски постапки, а сега веќе е влезено во реализација и најголем дел од проектите се спроведуваат и тие ќе бидат реализирани, рече Анѓушев.
Според него, последните официјални бројки покажуваат дека туризмот може да биде една од гранките која што може да ја задвижи економијата.
-Во септември годинава, имаме зголемен број на туристи за 12,8 отсто, како и зголемување на број на странски туристи за 17,8 проценти во однос на истиот месец лани. Исто така и кумулативно, од почетокот на годината до септември, бројките се охрабрувачки, растат и тоа што е поважно бројот на странски туристи и бројот на ноќевања се зголемува. Се надевам дека овој проект ќе придонесе ова и понатаму да биде тренд и да биде само уште повеќе изразено во нашата држава, потенцира Анѓушев.
Евроамбасадорот Самјуел Жбогар посочи дека Северна Македонија е објавена од страна на Lonely Planet како една од 10-те дестинации која треба да се посети во 2020 година.
-Европската Унија финансира 47 потпроекти со грант од 18 милиони евра, за да и помогне на Северна Македонија да ги достигне туристичките потенцијали. Јас доаѓам од Словенија и кај нас имаме природа и сме горди на таа природа, но таа сама по себе не е доволна, туристите бараат повеќе: авантура, гастрономија, искуство, култура, за да добијат целосно доживување. Северна Македонија ги има сите потребни елементи, а сега треба да се доврши приказната, да се изгради наратив и кога го велам тоа, се сеќавам на филмот „Полето на соништата” каде велат „Ако го изградите, ќе дојдат” и токму тоа сега заеднички го правиме, посочи Жбогар.
Марко Мантованели, директор на Светска банка за Северна Македонија и Косово рече дека преку Проектот за локална и регионална конкурентност, Светска банка има за цел да го зголеми придонесот на туризмот во локалниот економски развој, преку зајакнување на управувањето со туристичките дестинации и надградба на туристичките капацитети и инфраструктура, развој на вештините, креирање на работни места и поддршка на бизнисите во туристичката дејност.
-Планинскиот спортски клуб „Малешевска корија” од Берово е една од 17-те асоцијации кои добија под грантови од проектот. Вкупната вредност на овие под грантови за асоцијации е над 1,2 милиони евра, за развој на нови атракции за туристите низ целата земја, како што се летање со балони на топол воздух, јавање коњи, планински велосипедизам, обележани патеки за пешачење, самоводечки тури и падобрански скокови во тандем, подвлече Мантованели.
Директортката на Проектот Антонија Шишак нагласи дека преку Проектот за локална и регионална конкурентност се финансираат проекти кои треба да ја збогатат туристичката понуда на нашата земја и да ја подобрат инфраструктурата и пристапноста до туристичките локации и атракции.
-Проектот што денес ви го промовираме е планинска велосипедизам дестинација и претставува еден од многуте проекти доставени од асоцијациите и здруженијата на граѓани. Тие на еден убав и суптилен начин успеаја она што беше идентификувано како недостаток во плановите за развој на дестинацијата Малешево и околината да го преточат во своја предност и да направат еден убав пакет што го нудат на приоритетните пазарни сегменти, а тоа се независните активни туристи и организираните активни туристи кои што очекуваат не само да ја видат убавата природа, туку и да доживеат и некои други искуства, нагласи Шишак.
Претседателката на здружението Малешевска корија, Дафинка Дина Муцунска за време на промоцијата ги презентираше резултатите од проектот и ги претстави знаменитостите со коишто може да се пофалат Берово и Малешевијата.
Проектот за локална и регионална конкурентност, кој се реализира од Кабинетот на вицепремиерот со финансиска поддршка од делегацијата на Европска Унија и од Светска банка со вкупна вредност од 21 милион евра, содржи три компоненти: поддршка на локалната самоуправа во изградба на инфраструктура за поттикнување на конкурентноста, особено во туризмот, поддршка на микро, мали и средни претријатија кои се занимаваат со туризам и угостителство, како и поддршка на здруженија и асоцијации од туристичката дејност.