Штип: „Засади топола и врба и сочувај ги крајречните шуми долж Брегалница – 2019″ – ММС
ММС

Објавено на: 12/4/19 8:19 AM

Штип: „Засади топола и врба и сочувај ги крајречните шуми долж Брегалница – 2019″

Во близина на селото Софилари кај Штип, непосредно крај реката Брегалница денеска треба да бидат засадени 1500 садници со врба и топола со цел подобрување на крајречната вегетација, како и заштита од ерозија и поплавување на околните површини.

Настанот за пошумување е во организација на Македонското еколошко друштво, во координација со Програмата за зачувување на природата – фаза 2, и во соработка со Општината Штип, Министерството за животна средина и просторно планирање и ЈП „Национални шуми”.

Како што е најавено, се очекува на настанот за пошумување да се обратат заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули и градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски.

На акцијата за пошумување ќе учествуваат ученици од три основни и три средни училишта од општина Штип, студенти од Факултетот за шумарски науки, пејсажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем”, студенти од Природно-математичкиот факултет од Скопје, извидници од ИО „Еквинос” од Штип, како и претставници на партнерските организации на Програмата и други заинтересирани институции.

МИА