ОЈО: Отворена постапка против четири лица за загрозување на сигурноста на полициски службеници во случајот ,,Александар Палас“ – ММС
ММС

Објавено на: 12/3/19 3:53 PM

ОЈО: Отворена постапка против четири лица за загрозување на сигурноста на полициски службеници во случајот ,,Александар Палас“

СВР Скопје денеска поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против четири лица за кривично дело – Загрозување на сигурноста од чл.144 ст.3 од Кривичниот законик, во врска со настанот случен на 30.11.2019 година околу 11 часот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Тројца од пријавените се лишени од слобода, а по четвртиот се уште се трага.

Пријавените ја загрозиле сигурноста на 11 службени лица  – полициски службеници кои вршеле службено дејствие – легитимирање, на начин што упатиле сериозна закана дека ќе нападнат врз животот на полициските службеници.

Во поглед на кривично-правниот настан кој следел во хотелот неколку часа по сега пријавеното кривично дело, од страна на Министерството за внатрешни работи се уште не е утврден идентитетот на сторителите кои со огнено оружје пукале кон сега пријавените лица.

Заради обезбедување на присуството на осомничените во текот на кривичната постапка, јавниот обвинител до Судот поднесе и предлог за определување на мерки за претпазливост за четворицата осомничени: забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, обврска повремено да се јавуваат кај определено службено лице, како и забрана за приближување и за воспоставување комуникација со оштетените.