Студентски избори на Универзитетот „Гоце Делчев” – ММС
ММС

Објавено на: 12/3/19 12:36 PM

Студентски избори на Универзитетот „Гоце Делчев”

Студентите на Универзитетот „Гоце Делчев” (УГД) од Штип пројавиле голем интерес за избор на членови на факултетско студентско собрание. Изборите на сите факултети и академии ќе се одржат утре, а, како што информираат од штипскиот универзитет, студентите ќе избираат меѓу вкупно 235 кандидати.

Листата на кандидати по факултети изгледа вака: Музичка академија 13, Ликовна академија 16, Филмска академија осум, Факултет за природни и технички науки 10, Факултет за информатика 18, Земјоделски факултет 11, Машински факултет 16, Електротехнички факултет 12, Технолошко-технички факултет 12, Факултет за медицински науки 31, Економски факултет 13, Правен факултет 24, Факултет за туризам и бизнис логистика 29, Факултет за образовни науки 10, а Филолошки факултет 12 кандидати, се наведува во соопштението на УГД-Штип.

Изборите за факултетско студентско собрание ќе се одржат утре од 10 до 15 часот во холовите на сите факултети во сите кампуси на УГД. Списоци со активни студенти ќе бидат доделени кај комисиите за спроведување на изборите и секој активен студент ќе може со својот индекс да изврши гласање. Студентот треба да заокружи 10 од кандидатите. Факултетски студентски собранија треба да се изберат на секој факултет и тие бројат по 10 студенти. Откако ќе се конституираат собранијата, на конститутивна седница ќе треба да изберат свои претседатели и да именуваат по двајца членови во Универзитетско собрание, еден или двајца членови (зависно од статутот) во наставно-научните совети на факултетите и по еден член во Одборот за соработка и доверба со јавноста.

Целата постапка ќе заврши со формирање на нови раководни студентски тела според новиот Закон и Статут на УГД. Мандатите на сите студентски функции се во траење од една година.