Со промоција на Тимот за мониторирање на имплементацијата на Конвенцијатана ОН за правата на лицата со попреченост и на Посебниот извештај за остварување на правото на образование на децата со посебни образовни потреби, денеска во организација на Народниот правобранител и Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе се одбележи Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
По тој повод на промоцијата поздравни обраќања ќе имаат народен правобранител Иџет Мемети, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која и постојаниот координатор на Обединетите Нации во Република Северна Македонија, Росана Дуџиак.
Презентација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост со фокус на членот 33 ќе одржи Силва Пешиќ – советничка за човекови права, Канцеларија на Постојниот координатор на Обединетите Нации во Република Северна Македонија.
Заменик народен правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа пак ќе го презентира Посебниот извештај подготвен од Тимот за мониторирање на имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост во врска со остварување на правото на образование на децата со посебни образовни потреби во основните училишта во скопскиот регион.
По повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби – 3 декември, во организација на ЦИВИЛ, денеска во Музејот на Град Скопје ќе се одржи панел дискусијата на тема „Рампа”, посветена на (не)прифатеноста на лицата со посебни потреби во општеството, како и на процесите за деинституционализација и пристапноста до услугите од институциите на локално и на национално ниво.
Како панелисти на оваа тема најавени се скопскиот градоначалник Петре Шилегов, Душан Томшиќ и Вангел Тркаљанов од Министерството за труд и социјална политика, Благица Димитровска од Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива” Куманово, Сандра Пешевска Мицковска активистка за правата на лицата со посебни потреби и Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
МИА