ДУИ ќе се консултира со странски експерти за Законот за помилување – ММС
ММС

Објавено на: 11/30/19 8:07 PM

ДУИ ќе се консултира со странски експерти за Законот за помилување

Нема бланко поддршка од ДУИ за иницијативата на СДСМ за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување. Коалиционите партнери засега се без усогласен став по одлуката Уставен да преиспитува дали поранешниот Претседател Ѓорѓе Иванов имал или немал право да ја повлече аболицијата за тогаш осомничените, сега обвинетите во случаите на СЈО.

„Во моментов правиме консултации со домашни и меѓународни правни експерти со цел правно разјаснување на оваа состојба“-истакнаа од ДУИ.

ВМРО – ДПМНЕ во одлуката на Уставен гледа политика, иако најголем дел од амнестираните во 2016 – та година се поранешни високи функционери на власта и партијата. Опозицијата без одговор дали ќе го поддржат предлогот на СДСМ за автентично толкување на членот 11.

„ВМРО-ДПМНЕ принципиелно е против амнестии и против аболиции. ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи амнестии и аболиции. Доколку Заев продолжи со неговиот план и ги разгневи граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со нив на протести“-изјави Наум Стоилковски, Портпарол на ВМРО – ДПМНЕ.

СДСМ, преку министерот за внатрешни Оливер Спасовски побара поддршка за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување од ВМРО – ДПМНЕ.

„Сакам да упатам порака и до претседателот на Уставниот суд. Заради тоа што Уставниот суд треба да биде стожер на заштитата на уставноста и на законитоста, да остане на висината на задачата којашто ја има дадена од страна на граѓаните. Да остане стожер на уставноста и да не дозволи никаков притисок  за ништо“-рече Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи .

СДСМ вчера поднесе барање до Собраните за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување. Ова следува откако Уставен пресече дека треба да ја оценат уставноста на членот 11 – а од законот за помилување. Со овој член, Иванов ја повлече амнестијата за 56 лица во 2016 година. Сега пред Уставен се две опции, да го укине членот и во иднина, Претседателот на државата да не може да повлекува помилување или да го поништи што би значело, враќање во сила на амнестијата на Иванов и слобода за сите обвинети во случаите на СЈО.

алсат-м