Изградбата на пречистителни станици спас за реките и за почвата – ММС
ММС

Објавено на: 11/29/19 8:55 AM

Изградбата на пречистителни станици спас за реките и за почвата

Само седум отсто од отпадните води во земјава се третираат преку пречистителни станици. Засега источниот регион предводи со изградба на вакви станици, со цел да не се загадува реката Брегалница, најголемата притока на Вардар. Најголемиот пријател на Источниот плански регион за заштита на животната средина е Швајцарската агенција за развој и соработка. Со помош на донации од оваа агенција се изградени пречистителни станици од Берово до Карбинци, а годинава во употреба се пушти и најголемата во кочанското село Мојанци. Распослана на површина од 11 хектари и инвестиција од 21 милион евра оваа станица ги опфаќа отпадните води од Кочанско, а со цевковод ќе биде поврзано и Виничко, за што се потребни и дополнителни инвестиции.

Свети Николе почна со ревитализација на пречистителната станица

Пречистителната станица за отпадни води во Свети Николе по десет години повторно се става во функција. Објектот обраснат со трева мирувал, отпадните води од канализациската мрежа, наместо да се преработат, директно се испуштале во Светниколска Река, а овчеполските земјоделци ја користеле и за наводнување.

Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски, вели дека станицата од претходните локални власти била исклучена поради високи сметки за струја. Сега преку Програмата за меѓугранична соработка со Грција е обезбеден европски грант од 162.000 евра, со кои делумно ќе се стави во функција.

– Замислете, целата отпадна вода во изминатите десетина години одела во Светиниколска Река, се загадува комплетно целото Овче Поле, а исто и Светиниколска Река се влева пак во Брегалница, а оттаму во Вардар. Уште пред две години потпишавме договор преку Програмата за меѓугранична соработка со Република Грција, да се почне со ревитализација на пречистителната станица за отпадни води. Еве, конечно, врз основа на тој договор стартува ревитализацијата, вели Велковски.

Во реализацијата на проектот со околу 12.000 евра учествува и Министерството за локална самоуправа. Со овие средства од фондовите на ЕУ и од ресорното Министерство оваа станица ќе се приспособи за примарно и секундарно функционирање. Велковски забележува дека неработењето на пречистителната станица во изминатите десет години направило штета од околу два милиони евра.

– Исклучени се пумпите за пречистување на целата канализациска мрежа, наводно, според она што јас го имам како информација, трошеле премногу електрична енергија. Ако знаеме дека електричната енергија ја плаќаме сите ние, граѓаните, а штетата што е направена на сите земјоделски култури, на загадување на околината е огромна, мислам дека тие пари се минорни за разлика од она што не работи, вели Велковски.

Државниот ревизор уште во 2009 година укажал на проблемите што ги предизвикува неработењето на пречистителната станица во Свети Николе.

– Јавното претпријатие располага со објект пречистителна станица, кој, иако е функционален и е изграден со средства од донации, неколку години по ред не е во функција и се наоѓа во лоша состојба, така што испуштањето на урбаните отпадни води не е во согласност со Законот, стои во извештајот од 2009 година на Државниот завод за ревизија.

Но, овчеполскиот крај е специфичен, селата што се располани по втората најголема житница во земјава, дел од нив имаат канализациски мрежи, а дел, пак, немаат. Велковски вели дека за да се гради нова пречистителна станица, која би ги опфатила сите отпадни води и од селата ќе чини околу 10 милиони евра.

– Овие средства се многу за Општина Свети Николе, но со текот на времето со цел да ги задоволиме европските стандарди ќе мораме и постепено да мислиме на тоа и сите отпадни води да почнеме да ги пречистуваме, рече Велковски.

Забележува дека во моментов решение е на сите канализациска мрежа во селата во Овчеполието да се изградат помали пречистителни станици, а најголемата инвестиција што треба да се реализира е во селото Мустафино, кое сè уште нема канализациска мрежа. Проектот што го има општината ќе чини 1.200.000 евра.

Штип чека европски пари за изградба на пречистителна станица

Најголемиот град во брегалничкото подрачје и оваа година остана без пречистителна станица. Планирано е ваков голем објект да се гради на реката Брегалница под бањата Кежовица, со што ќе се опфатат сите отпадни води од градот и од индустриските зони. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, вели дека се чекаат европски пари за реализација на овој капитален објект, кој ќе има функција да ја заштити реката Брегалница од загадување.

– Во исчекување сме на одобрување средства од страна на Европската Унија. Тоа се грантови што ги доделува ЕУ, за ваков тип објекти, бидејќи се работи за објект чија инвестиција првично се проценува на околу осум и пол – девет милиони евра. Тоа не е и конечна вредност, но тоа е една тема околу која треба да се дискутира и да се знае како првичен податок. Такви средства ниту една општина нема. Досега сите пречистителни станици се изградени од средства од европските фондови. Еве, во Кочани беше изградена од Швајцарската агенција, а од тој аспект ние чекаме слободни средства, од каде било и да дојдат, вели Бочварски.

Очекува Штип и Велес да бидат наредните градови што ќе добијат грантови за изградба на вакви капитални објекти, со цел да се заштитат реките Брегалница и Вардар.

Екологистите и спортските рибиловни друштва со децении бараат да се изгради ваков објект во Штип. Нивните барања ги проследуваат до сите политички гарнитури. Инциденти има, лани Брегалница беше обоена од тешки хемикалии, кои се користат во индустријата. Од колекторот за отпадни води на поранешниот текстилен комбинат „Македонка”, кој го користат повеќе фабрики, се испушти вода, која во првиот момент беше црвена, потоа сина и на крајот црна.

Риболовците што тогаш први реагираа се на став дека Штип мора итно да има пречистителна станица за отпадни води, а на тој начин ќе се покаже грижа и за граѓаните, но и за живиот свет во реката Брегалница.

МИА