Сточарите се жалат дека поради обемна документација не ке можат да ја искористат државната мерката од 400 денари – ММС
ММС

Објавено на: 11/28/19 8:35 PM

Сточарите се жалат дека поради обемна документација не ке можат да ја искористат државната мерката од 400 денари

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство конечно обезбеди мерка за поддршка за откупено и заклано јагне во кланичен капацитет во висина од 400 денари по грло но, сточарите и кланичарите се жалат дека не ќе можат да ја искористат. Ги спречува кусиот рок за подготвување на обемните документи.  Сојузот на овчари денеска одржа состанок во Велес на кој, наместо во разговор со претставници на министерството, сами и со само еден претстаник на кланица бараа решение за проблемот.

– Се бара потврда од Кланица за предадено јагне што треба да ја контролира и Агенцијата за храна и ветеринарство. Така наместо за неколку дена постапката се развлекува со месеци. Кланичарите не за еден или два месеци туку и за шест месеци не можат да ги подготват документите, рече сточарот Митко Јанков, претседател на здружението „Агроцентар“.

На состанокот беше предложено постапката да се поедностави со преглед што ќе го подготват кланиците и ќе го достават до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од каде со препраќање до подрачните единици ќе се утврди точниот број на предадени и заклани јагниња во кланица, од секој сточар во државата.

– Да може секој сточар носејќи ја откупната белешка, матичниот број, РБО бројот кој се однесува на матичните одгледувалишта или даночниот број на фирмата, штом отиде во подрачното одделение да докаже дека предал точен број на јагниња во кланица и побрзо да му се исплатат парите, додаде Јанков.

Според сточарите, преставник на министерството немало на состанокот бидејќи работеле на продолжување на временскиот рок за  мерката, што првично истекува на 15 декември. За нив отсуството е неприфатливо штом тие денеска ги затвориле трлата и стигнаа во Велес од сите страни на Македонија. Во исто време направја споредба со висината на овој вид субвенција што ја добиваат нивните колеги во Србија каде изнесувала 1.000 денари по грло.

Одговарајќи на новинарско прашање од Министерството за земјоделство,  шумарство и водостопанство се децидни дека сите фармери кои ги предале јагнињата кај регистрирани откупувачи ќе добијат дополнитена субвенција за предадено јагне во кланичен капацитет затоа што кланичарите се должни да издадат потврди за доказ дека јагнињата ги откупиле и заклале како и дека парите единствено можат да ги добијат само фармерите.

Убавка Јаневска