Владата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски, им дала 25 милиони на телевизиите „Сител“, „Канал 5“ и „Алфа ТВ“, во периодот од 2010 до 2017 година, објави „Призма“. Податоците се од владината датабаза „Отворени финансии“, која е активна од минатата недела.
Вкупно, владата на Груевски дала 26,6 милиони евра за рекламирање на телевизиите, но дури 25 милиони отишле кај овие три национални телевизии.
За истиот период, останатите две национални телевизии „Телма“ и „Алсат“, добиле околу 859.000 и околу 545.000 евра.
На почетокот на мандатот, владата на СДСМ објави дека власта на ВМРО-ДПМНЕ потрошила 38 милиони евра за кампањи и за пропаганда во електронските и во печатените медиуми, меѓутоа на таа прес-конференција не беа објавени сумите што секој медиум поединечно ги добил.
Во 2018 и во 2019, кога со власта управува СДСМ и коалицијата, владата и министерствата немаат трансфери кон националните медиуми. Актуелната владејачка гарнитура, пак, на почетокот од годинава, со 692.000 евра поддржа 11 печатени медиуми и најверојатно и наредната 2020 ќе има ваква помош за весниците.
призма.мк