Заев – Вуцас: Остварувањето на македонските евроатлантски аспирации ќе ги зголеми странските инвестиции – ММС
ММС

Објавено на: 11/22/19 3:31 PM

Заев – Вуцас: Остварувањето на македонските евроатлантски аспирации ќе ги зголеми странските инвестиции

Северна Македонија постигна конкретни резултати во спроведувањето на реформите. Остварувањето на нејзините евроатлантски аспирации ќе придонесе за подобрување на економската состојба и ќе создаде услови за зголемување на интересите и инвестициите на странските компании, заклучија премиерот Зоран Заев и новоименуваниот амбасадор на Австрија во нашата земја, Георг Вуцас на денешната средба во Владата.

На средбата, како што соопшти владината Прес-служба, политичките односи меѓу двете земји биле оценети како исклучително позитивни и пријателски, а посебно била истакната економската соработка.

Двајцата соговорници констатирале дека Северна Македонија нема отворени прашања со соседите, со кои, како што беше оценето, заеднички придонесува за поголема безбедност, стабилност и сигурност во регионот.

Премиерот Заев изрази благодарност за континуираната австриска поддршка за процесот на проширување и напорите кои се прават за вклучување на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

– Австрија е еден од најголемите наши поддржувачи во европските интеграции и наш врвен економски партнер, истакна Заев.

Премиерот Заев и амбасадорот Вуцас изразија задоволство од можноста за давање личен придонес во продолжувањето на традиционалното пријателство меѓу Северна Македонија и Австрија, како и за продолжување на австриската поддршка на патот за остварување на европската перспектива на нашата држава.