Мендух Тачи и Арбен Џафери биле прислушувани под псевдоними „швалер” и „деда” – ММС
ММС

Објавено на: 11/22/19 1:49 PM

Мендух Тачи и Арбен Џафери биле прислушувани под псевдоними „швалер” и „деда”

Поранешен вработен во УБК, Марјан Јанкуловски, на денешното рочиште за предметот „Таргет-Тврдина” за незаконското следење на комуникациите, кажа дека без наредба и под псевдоними биле прислушувани и Мендух Тачи и Арбен Џафери.

– Имаше чудни псевдоними кои ги знаевме само ние оперативно, се знаеше дека „швалер” е Тачи, а „деда” е Арбен Џафери. Сомнително ми беше што за нив немаше наредба, а тие цело време беа вклучени на системот за прислушување. Со Звонко Костовски разговарав дека нешто не е во ред, тој ми велеше дека не знае за тоа. Во УБК паралелно работеа двата система за комуникација, и Најс и Верин. На едниот вежбавме, а на другиот тековно се одвиваа прислушувањата, рече Јанкуловски.

Сведокот учествувал и во комисијата за уништување на опрема за прислушување.

– Еден ден не викнаа, за викенд и опремата товарена на камиони се однесе на отпад каде што беше уништена на преса. Наредба добивавме од Никола Бошковски каде да се унушти опремата, а на уништувањето присутни беа и Тони Јакимовски и Горан Грујовски, посочи Јанкуловски.

Уништувањето на опремата било снимено со камера. Сведокот бил еднаш на уништување на опремата, но дел од комисијата била уште еднаш да за се доуништи.

-Никола Бошковски ми се јави пред да дадам изјава во СЈО, тој и ме однесе до Обвинителството и попат ми кажа што да кажам пред обвинителите. Тој ми се јави кога завршив со исказот во СЈО и дојде да ме земе од дома и на еден паркинг ме прашуваше кои одговори сум ги дал. И Горан Грујовски ми се јави за време на истражната постапка, беше во паника и ми рече дека ќе не апселе за викендот и дека би било фино со семејството да не бидам во Скопје бидејќи и тој немало да биде дома. Тој ми рече ако има некој проблем да се јавам кај некој адвокат Перо и ми даде број. На втората средба со Грујевски на тефтер ми пишуваше што треба да одговорам ако ме испрашуваат пак, изјави Јанкуловски.

Кажа дека добил листа од Надица Николиќ  да приклучи 10 броеви и во нив го препознал бројот на неговиот син. Кога ја прашал, таа му рекла дека Грујевски и кажал оти тоа се кандидати за вработување и сакал да се стават за слушање.

Рочиштето за „Таргет – Тврдина” ќе продолжи на 12 декември со вкрстено испрашување на сведокот Марјан Јанкуловски, на барање на одбраната заради подобра подготовка и поради високата телесна температура на обвинетиот Сашо Мијалков која ја имал од утринава.