Инвеститорите ќе ја почекаат одлуката за намалување на данокот на увоз – ММС
ММС

Објавено на: 11/19/19 3:06 PM

Инвеститорите ќе ја почекаат одлуката за намалување на данокот на увоз

Странските инвеститори на вчерашната средба во Владата не добиле конкретен одговор од премиерот Зоран Заев и економските министри во врска со барањето да се намали данокот на увоз на одредени производи. Им било ветено дека постои волја да се разгледа, но истовремено им било и предочено дека може да предизвика недостиг на средства во Буџетот.

– Нема да го кажам она што Владата треба да го соопшти. Како компании од зоните дадовме неколку предлози кои сметаме дека ќе не доведат до вин – вин ситуација, со придобивки за двете страни. Имаше дообјаснувања и поситни нешта за кои добивме ветување од надлежните министри дека ќе се прилагодат во скоро време. Има и други нешта кои тие ги признаа, но бараат подлабока анализа. Една од најголемите е данокот на увоз на некои производи. Премиерот и министрите потврдија дека ќе назначат луѓе тоа да го разгледаат. Треба да бидам многу внимателен ако го цитирам премиерот кој, како што рече, има волја да го разгледа тоа, но компаниите мора да сфатат дека може да има недостиг во приходите на Буџетот, што е разбирливо. Ако овој недостиг во Буџетот поради намалување на царините може да се компнезира со поголемо производство, тогаш тој има волја да го прилагоди системот, рече претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија.

Одговорајќи на новинарски прашања, Петер повтори дека предвремените парламентарни избори нема да влијаат врз одлуките на инвеститорите зашто тие своите планови не ги прават месечно, туку на неколкугодишно, па и на децениско ниво.

– Глобалната криза и достапниот извор на пари е она што го балансираат инвеститорите кога носат одлуки. Последниот сегмент е куповната моќ во земјата. Тоа може да зависи од политичката ситуација, но не нужно. Потрошувачката на струја зависи повеќе од климатските услови, отколку од предвремените избори. Не очекувам дека предвремените избори ќе влијаат негативно за инвеститорите да ги сменат своите одлуки, посебно кога има позитивни изгледи да се приклучиме на две поголеми семејства. Сметам дека перспективата е многу позитивна, иако процедурата е малку одложена, за неколку месеци, истакна Петер.

И тој и австрискиот амбасадор Георг Вуцас нагласија дека Австрија во моментов е број еден инвеститор во земјава, но трговската размена не е во рамки на потенцијалот. Има многу простор за соработка, а фокусот треба да се стави на тоа како Австријците да се натераат да купуваат повеќе македонски производи.

– Северна Македонија е сигурен партнер на австрискиот бизнис. Инвеститорите не си отидоа од тука ниту за време на глобалната финансиска криза, ниту кога земјата се соочуваше со политичката криза и случувањата во Парламентот. Напротив, продолжија да вложуваат и така ќе продолжат.. Но, мора да ги натераме Австријците да купуваат македонски производи. Во овој сегмент има мало потфрлување, потенцира Петер.

Австрија, како што претходно напомена амбасадорот, е подготвена да и помогне на земјава во сите сегменти, и од политички и од економски аспект. Како потенцијали за развој ги спомна обновливите извори на енергија и заштитата на животната средина. Мора да се применуваат, порача Вуцас, иновативни решенија.

– Ние сме ваши големи поддржувачи. Исто како вас сме разочарани од недобивањето датум за почеток на преговорите, но работиме на тоа и се надеваме на таква одлука, рече амбасадорот.

Тој се осврна и на дуалното образование за чие спроведување, оцени, се неопходни реформи во законите кои засега дозволуваат учениците само да учат или само да работат, а не и да учат и да работат.