Фотографија на која загрижен татко во прегратка се простува од расплаканата ќерка пред да оди во затвор ги прегреа социјалните мрежи во Босна и Херцеговина, а веста се прошири и низ повеќе балкански медиуми.
Фикрет Дедиќ од селото Бужим од завчера е на издржување шестмесечна казна затвор бидејќи од државна шума исекол три кубни метри дрва за семејството да може оваа зима да се грее.
„Отиде да обезбеди дрва за огрев. Сега в затвор ќе биде шест месеци за три метри дрва. Имаме три малолетни деца. Ни тој ни јас немаме работа. Се храниме со што ќе стигнеме. Сега, кога е во затвор, ќе ни’ биде уште потешко. Добри луѓе вчера не’ посетија да помогнат колку што можат“, раскажува сопругата на Фикрет, Рамиза за „Радио Сараево“.
Пријателите на Фикрет, кои ја објавија фотографијата на социјалните мрежи, велат дека тој никогаш не бил крадец. Во целосна беспарица, отишол во државна шума и исекол три кубни метри дрва што ги носел дома на грб, бидејќи немал да плати за транспорт. Истакнуваат оти најмногу ги боли што имало многу луѓе кои добивале помали затворски казни и за обиди за убиство, продажба на дрога, големи кражби…