Столтенберг: Новите членки како Северна Македонија мора да имаат безбеден начин на комуникација – ММС
ММС

Објавено на: 11/16/19 6:56 AM

Столтенберг: Новите членки како Северна Македонија мора да имаат безбеден начин на комуникација

Државите кои се приклучуваат кон НАТО, како Северна Македонија, мора да имаат безбеден начин на комуникација, изјави генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг во интервју за Гласот на Америка.

– Постојат стандарди кои мора да се исполнат кога е во прашање цивилната инфраструктура и телекомуникација, како што е 5Г. Тоа се однесува и на новите идни членки, како Северна Македонија. Овие стандарди не се однесуваат на земјите кои не се членки, но, ние можеме да ги замолиме или да ги советуваме тоа да го направат, изјави Столтенберг во однос на можното влијание на други глобални сили во регионот и безбедносните предизвици со кои се соочува НАТО.

За разлика од порано кога најголема опасност беше само некогашниот СССР, Столтенберг вели дека сега заканите се од повеќе страни – сајбер напади, анексии,…,  и не можат да се предвидат.

– Затоа е важно НАТО да остане спремен и агилен за да може соодветно да реагира на какава било нова криза, истакнува генералниот секретар на Алијансата.

На прашањето зошто НАТО ја продолжува политиката на „отворена врата” за малите држави, кои не се воено и безбедносно силни, Столтенберг вели: „кога соседите се стабилни и ние сме безбедни, а кога тие ќе се приклучат кон НАТО, тогаш ќе станеме уште побезбедни”.

– Еден од најголемите успеси на НАТО е фактот што со скорешното приклучување на Северна Македонија, од почетните 12, ќе станеме сојуз од 30 земји. Многу од нив се членки на ЕУ. Сетоа тоа значи дека стотини милиони луѓе веќе се придружија на демократијата и економскиот просперитет. Со тоа Европа станува пообединета и помирна од кога и да било претходно, изјави Јенс Столтенберг.

МИА