Во Берово започна реконструкцијата на третата ламела на Домот за стари лица „Д-р Иван Влашки”. Градежните работи, како што информираа од Општината, се реализирааат во рамките на предвидените активности од областа на социјалната заштита и грижата за старите лица.
-Ова е барање кое и тоа како е важно за проширувањето на капацитетите на единствената установа од ваков вид на крајниот Исток. Со реконструкцијата на третата ламела, ќе се приспособи простор за сместување на нови десет корисници, со што Домот за стари, ќе добие целина со капацитет од 40 корисници – информираа од Општина Берово.
Со реализација на овие активности, како што додадоа, им се излегува во пресрет на барателите за користење на услугите кои ги овозможува установата.
-Во повеќе наврати имавме информирано дека за користење на услугите на Домот за стари имавме доста барања за згрижување на стари лица. Со ова им излегуваме во пресрет на дел од тие барања, кои со реконструкцијата ќе бидат задоволени – дополнија од Општината.
Реконструкцијата на третата ламела се реализира со средства во износ од 5 милиони 109 илјади денари, од кои дел се обезбедени од општинскиот буџет, додека останатите средства од Буџетот на ОЈУСЗСЛ „Д-р Иван Влашки”.
МИА