Боливиската привремена влада и припадниците на партијата на доскорешниот претседател Ево Моралес доцна синоќа постигнале спогодба за нови избори, а тоа би помогнало во решавањето на големата политичка криза во земјата.
На синоќешната седница на боливискиот Сенат, претседателката на тој дом, инаку членка на партијата на Моралес , рече дека е договорено да се оди на нови избори по неделите на протести и насилства што доведоа левичарскиот претседател Моралес да си поднесе оставка во неделата.
„Денес е историски ден. Успеавме да постигнеме договор помеѓу опозицијата и владата со една цел – да се одржат нови избори што може побрзо за да се воспостави мир во нашата земја и да се одбрани демократијата“, рече Мурга.
Боливиската привремена претседателка Анез, која должноста ја презеде во вторникот, претходно соопшти дека сака да ги подобри односите со партијата на Моралес, за кого рече дека нема да смее да се кандидира на претседателските избори.
Моралесовата 14-годишна социјалистичка власт беше завршена со насилни протести по обвинувањата за наместени избори, а најмалку седум лица беа убиени во судирите на неговите приврзаници, противници и на полицијата. Моралес сега е во Мексико, каде што доби азил.