Ситуацијата во „ОХИС” под контрола, нема место за паника – уверуваат надлежните – ММС
ММС

Објавено на: 11/11/19 12:44 PM

Ситуацијата во „ОХИС” под контрола, нема место за паника – уверуваат надлежните

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска изјави дека сите мерки се преземени и сите институции се вклучени за да откријат што се случи во петокот во „ОХИС”.

– Инспекторите го пишуваат извештајот и сега ги чекаме анализите од лабораторијата за да видиме дали има преостанат ризик. Нема место за паника. Нема загадување на воздухот, изјави Нуредини по брифингот се медиумите.

Тој уверува дека нема место за паника и ситуацијата е под контрола.

Државниот инспектор за животна средина Пејо Кировски, кој бил на терен за овој случај, изјави дека се работи за излевање на течност при перење на цистерна која порано содржела метил акрилат мономер.

– При испирањето со вода дошло до протечување на вентилот и течноста е пролеана во танкваната или бетонската када, која служи во случај на инцидент да не дојде до излевање на површината на почвата и да не дојде до загадување на земјата и водата. Како резултат на тоа, од наша страна е дадено задолжение веднаш да се собере таа течност од танкваната, бидејќи се ширеше една миризба која малку ги вознемири граѓаните. Но, вечерта околу 20:30 часот тоа се беше завршено. Препокриена беше кадата со струготини од дрво, пилевина. Тие струготини наредниот ден, на 9 ноември, беа собрани и кадата беше дезинфецирана со варова вода, изјави Кировски.

Тој информира дека на 9 ноември бил направен контролен инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина.

Одговарајќи на новинарско прашање колкаво количество било ослободено во воздухот, тој рече дека од страна на единица на АРМ било извршено испитување и се уште ги немаме добиено резултатите во Државнииот инспекторат за животна средина. Кога ќе ги добиеме ќе кажеме какви се концентрациите.

Ана Каранфилова Мазневска, раководител на Сектор за управување со отпад од Министерството за животна средина изјави дека се работи за имот кој не му припаѓа на ресорното Министерство за животна средина, а доверителите распишуваат тендер и одлучуваат.

– Ние учествувавме само во еден дел, кога не консултираа на кој начин треба да се избере компанијата, односно кои се критериумите кои треба да ги задоволи компанија која може да се јави на тој тендер. Немавме никаква одговорност како Министерство за животна средина и просторно планирање во целата постапка, рече Каранфилова Мазневска.

Тие, како што појасни, ги дале насоките на кој начин теба да се избере компанијата, во смисла кои критериуми треба да ги исполнува генерално за да може да се јави на повик, но директно не учествувале во изборот на компанијата.

– Понатаму постапката, по изборот на компанијата, таа се обраќа до нас. Се изготви елаборат за оценка на влијанието врз животната средина, се издаде решение во кое се пропишани сите мерки и активности кои задолжително треба да се преземат од страна на правното лице кое е избрано да ја врши таа постапка. И тука е улогата на Министерството и на Државниот инспекторат за животна средина за да врши редовни контроли во инсталацијата, рече Каранфилова Мазневска.

Во зависност од типот на дејноста што сакаат да ја вршат правните субјекти, тие се обрќаат до општините, Град Скопје или МЖСПП. Таа информира дека до нив се стигнати неколку барања за издавање одредени дозволи или елаборати за оценка на влијание врз животната средина за одредени компании кои во иднина би сакале да работат во кругот на „ОХИС”.

МИА