Невообичаено топлото време во ноември ги раздвижи змиите во Пијанец – ММС
ММС

Објавено на: 11/11/19 9:48 AM

Невообичаено топлото време во ноември ги раздвижи змиите во Пијанец

Топлото време ги натера змиите да излезат по храна. Деновиве се забележани на неколку локации во Делчевско. Последниот ваков случај е забележан утрово на граничниот премин Делчево, каде, како што информира делчевецот Блаже Митевски, змија слободно шетала во близина на зградата на Царинската управа.

-Додека го пиевме утринското кафе, забележавме нешто како се движи, мислевме некој гуштер или слично животинче, но кога направивме фотографија видовме дека е змија. Не ја повредивме. Ја пуштивме подалеку од објектот во блиската шума, вели Митевски.

Неодамна. мала змија беше забележана и пред колективна зграда во Делчево.

-Беше малку чудно што во ноември гледаме мала змија, но ја фативме и ја пуштивме малку подалку од градот. Не се разбирам многу од змии, но имаше специфична глава и мислам дека беше отровна, вели Димче Николовски, жител на улицата „Булевар Македонија”, каде била видена змијата.

Појава на змии е забележана на 4 ноември и во селото Разловци. Вработени во подрачното училиште „Св.Климент Охридски” во просторот на отворено, исто така забележале змија, за која локалните мештани тврделе дека била од сортата белоушка, барска змија која не била отровна.

Според херпетолозите, во Македонија постојат 16 видови змии, од кои само пет се отровни. Иако се случува ретко, лекарите препорачуваат – кога некој ќе биде каснат од змија, да ја мие раната со вода што е можно повеќе. Повредениот да мирува, да не мрда за да нема циркулација да се шири отровот и најбрзо што може да биде однесен до првата здравствена установа за да прими серум против змиски отров.

МИА