Иницијативата за регионална соработка што ја прмовираа лидерите на Македонија, Србија и на Албанија оценета како „мал шенген” не значи отстапување од европските интеграции, туку заложби за заеднички ангажман за олеснување на сите гранични процедури, со цел овозможување олеснет проток на капитал, стоки, услуги и движење на луѓе. Лидерите на државите од Западен Балкан со оценка дека регионот треба да го овозможи тоа не само заради исполнување на европските критериуми во рамки на евроинтеграцијата, туку повеќе заради подобрување на трговската, стоковата, размената на бизнис-идеи, слободата на движења на луѓе и работна сила, сето во насока на креирање услови за подобрување на стандардот на граѓаните кои живеат во овој дел на Европа.
Одредбите што ги предвидува иницијативата се истите оние за кои е дискутирано на средбите на челниците од регионот со европските лидери, како реформи во транспортот, царините, безбедносните структури, а за кои постои согласност дека позитивно ќе се одразат врз бизнис-климата во Западен Балкан.
Премиерите на Македонија и на Албанија Зоран Заев и Еди Рама, заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ во Охрид истакнаа дека Иницијативата не е ништо туку искористување на заедничките потенцијали за остварување подобри стандарди за сите граѓани од регионот.
После средбата во Охрид беа појаснети дел од одредбите содржани во Акцискиот план за создавање на, како што го нарече Зоран Заев т.н. „нов Западен Балкан од 21 век”, планот што предвидува 24/7 работа на сите служби на граничните премини, премин на луѓе со лични карти преку границите од целиот регион, брз премин на камионите со стоки низ административните процедури, признавање на дипломите, слободен пазар на трудот во регионот…
-Тоа се нови перспективи за регионот, верувам дека сите лидери од Западен Балкан ќе ја прифатат иницијативата, се она што го правиме самоиницијативно за подобрување на перспективите на овој дел од Европа, рече Заев.
Претседателот на Србија Вучиќ со пример појасни дека само воведувањето дежурни фитосанитарни и ветеринарни служби на неколку гранични премини на земјите од регионот ќе им заштедат 229 милиони евра. Според Вучиќ, производителите од Албанија сега многу полесно својата стока ќе можат да ја извезуваат во Србија, со признавање на квалификациите и дипломите луѓето од Србија да се вработуваат во Македонија…
Намерата е, рече Вучиќ, доколку влезете на аеродромот во Белград, да не ви требаат посебни документи за влез во Албанија, никој да не ве прашува за документи, да има што е можно помала документација и што е можно помалку гранични проблеми. Кога ќе слетате во Скопје, ние повеќе нема да ве прашуваме како стигнавте таму, можете да одите во Белград или Тирана, тоа е еден вид „мини Шенген”. Тој најави дека трите држави ќе можат заедно да креираат туристички рути, дека може да се посетат Белград, Копаоник, Златибор и Охрид или Драч, наеднаш и без дополнителни барања за визи и дозволи што ќе придонесе за поголем број туристи на регионот.
-Мислам дека ова се огромни, крупни промени… Горд сум на овој договор, тој е иднината, тоа не е создавање некаква нова Југославија туку подобар живот за сите наши граѓани, претварање на регионот во амбиент на нормалност, а не на судири и омраза, рече Вучиќ.
Албанскиот премиер Еди Рама исто така ги нагласи позитивните одредби содржани во Документот од Нови Сад, на иницијативата за подобро поврзување на Западен Балкан.
-Она што е важно е што оваа иницијатива доаѓа како внатрешна желба на државите од регионот, а не како резултат на патронизам од европските центри. Нема тука никакви обиди за создавање некаква Голема Албанија ниту за некаква нова Југославија, туку остварување на заложбите за овозможување на четирите столбови на слободата. слободно движење на граѓаните, признавање на дипломите, отстранување на секојдневните препреки кои го чинат регионот милиони евра, рече Рама.
На првиот состанок одржан на 10 октомври во Нови Сад Заев, Вучиќ и Рама потпишаа Декларација со намери за воспоставување Иницијатива за регионална соработка, како начин за создавање предуслови за
остварување на четири взамено прифатливи слободи на движење на луѓе, стоки, услуги и капитал. Следната средба за „мал шенген” е предвидено да се одржи идниот месец во Драч.
МИА