Новоизбраниот известувач за Северна Македонија во Европскиот Парламент Илхан Ќучук смета дека оние кои предлагаат реформа на преговарачкиот процес на ЕУ треба да понудат јасни и конкретни предлози, и признава дека досега такво нешто не е понудено.
-Сите говорат за таа реформа, но никој не видел и не анализирал каква ќе биде таа реформа, вели Ќучук во интервју за МИА, прво од неговото назначување за известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент.
Тој смета дека е нејасно за какви други критериуми за преговарање може да се зборува, имајќи предвид дека актуелните се јасни- Копенхашките. Исто така тој смета дека реформата не може да биде бескрајна, туку со јасни рокови, од кога до кога ќе се води и како треба да изгледаат.
Одлуката да не се отворат преговори со Македонија лично ја смета за разочарувачка, но има надеж дека е можно да има силна, консолидирана европска позиција пред Самитот во Загреб која ќе даде јасна насока за Северна Македонија и останатите земји од регионот.
Неговата намера во новата функција како известувач вели дека е да ги обедини силите на сите политички групи во ЕП за да изготват проевропски извештај кој ќе ја изрази амбицијата Северна Македонија да стане дел од ЕУ.