ММФ ги намали проекциите за раст во Еврозоната – ММС
ММС

Објавено на: 11/7/19 4:56 PM

ММФ ги намали проекциите за раст во Еврозоната

Економскиот раст на еврозоната би требало да забави повеќе од очекуваното, објави Меѓународниот монетарен фонд.

ММФ го предвидува ова, бидејќи кризата во производниот сектор може да се прелее во поголемиот сектор, со оглед на долгогодишните тензии во глобалната трговија.

Бруто домашниот производ на 19-члената Еврозона, според најновите проценки на ММФ, ќе порасне со стапка од 1,2 проценти оваа година, што е пониско од претходната проекција на Фондот во април, кој предвидуваше раст од 1,3 проценти, објави Reuters.

Тоа е и значително забавување во однос на минатогодишниот раст од 1,9 проценти.
Економијата на Еврозоната ќе порасне за 1,4 проценти во 2020 и 2021 година, соопшти ММФ, намалувајќи ја претходна проценка за раст од 1,5 процент за двете години.

Економското забавување во најголем дел е последица на анемичниот раст во Германија, најголемата економија во Еврозоната, како и стагнацијата во Италија, третата најголема економија во Еврозоната, проценува Фондот, ревидирајќи ги најниските свои проекции за двете држави.

Германија, како што очекува, оваа година ќе порасне со стапка од само 0,5 проценти, што е побавно во однос на 0,8 проценти колку што ММФ предвиде во април. Тоа би била една третина од растот во 2018 година.

ММФ, исто така ја намали прогнозата за раст на Франција, втората по големина економија на блокот, и сега очекува нејзиниот раст оваа година да биде 1,2 проценти, наместо претходно предвидените 1,3 проценти.

Во случај на адекватен Брегзит, кој би можел да се реализира до крајот на јануари, британската економија, според оцените на ММФ, би можела да порасне со стапка од 1,2 процент во 2019 година и од 1,4 проценти во 2020 година.

Инфлацијата во еврозоната оваа година ќе изнесува 1,2 проценти, следната година ќе биде 1,4 проценти, а во 2021 година 1,5 проценти, порачуваат од ММФ.

Извор: denar.mk