Започнува зонско паркирање во Кавадарци – ММС
ММС

Објавено на: 11/6/19 9:13 AM

Започнува зонско паркирање во Кавадарци

Кавадарци доби дозвола за спроведување на проектот за зонско паркирање, со што треба да се стави ред во хаосот кој владее во градот, особено со паркирањето во центарот на градот. Проблемот е нај изразен за време на пазарните денови, среда, петок и недела. Со зонско паркирање ќе се отпочне од средината на ноември. Најнапред ќе се спроведува пробен период од петнаесетина денови.

За кавадарчани кои живеат во строгиот центар на градот и единствено јавниот паркинг им е на располагање,  ќе имаат повластени цени за паркирање.

„Со купување на годишна карта која  чини 900 денари за прво возило на овие граѓани им се овозможува 24 часа цела година во нивната зона да немаат дополнителен трошок. За второ возило цената е 1500 денари, додека за трето возило нема можност за повластено плаќање. Времето на паркирање е ограничено по три основи. Првиот основ, првиот час се наплаќа 30 денари и секој нареден час се наплаќа по 30 денари. Паркирањето е ограничено на максимум 2 часа. Тоа е така за да кога ќе поминат два часа да ја тргнат колата од центарот. Тоа не важи за луѓето кои живеат во центарот “ вели градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Тој смета дека Кавадарци ќе ги има најниските цени за паркирање,  бидејќи тоа го покажале анализите од другите градови во земјава.

Ќе се издаваат и вип карти за паркирање. Таквиот луксуз кавадарчани ќе ги чини до 1500 евра годишно.

Со воведувањето на зонското паркирање од локалната самоуправа велат дека многу граѓани кои живеат во близина на центарот ќе размислат дали ќе излегуваат со своето возило и кога нема потреба за тоа, бидејќи ќе треба да платат за паркирање. Исто така ќе се стави и крај на неодговорниот однос на многу возачи,  кои своето возило го оставаа во центарот на градот и по неколку дена.

Јавното претпријатие „Паркинг“ веќе е формирано. На последната седница на кавадаречкиот совет беше усвоен и план за вработување до крај на годината и за следната година. Пајак службата веќе функционира и воочливо е дека ги менува навиките на граѓаните кои паркираа каде ќе им текне.

Ангел Данов