Гувернерот на Централната банка на Унгарија: Еврото е стратегиска грешка – ММС
ММС

Објавено на: 11/5/19 10:24 AM

Гувернерот на Централната банка на Унгарија: Еврото е стратегиска грешка

Гиорги Матолчи, гувернер на Централната банка на Унгарија, смета дека земјите-членки на ЕУ и членките на еврозоната треба отворено да признаат оти еврото била стратегиска грешка. Во коментарот во „Фајненшел тајмс“, тој истакнува дека крајно време е да се излезе од стапицата на еврото.

Унгарија не е членка на еврозоната и уште нема утврдено датум кога сака да пристапи во зоната на примена на заедничката европска валута.

„Креирана е штетна догма дека еврото е нормален следен чекор кон обединувањето на западна Европа. Притоа, усвојувањето на заедничка европска валута воопшто не беше нормална работа, бидејќи за тоа не беше исполнет речиси ниеден предуслов. Две децении по лансирањето на еврото, не се реализирани повеќето од ветувањата од Брисел“, смета Матолчи.

Тој нагласува и оти на земјите-членки на ЕУ во следните децении треба да им биде оставена можност за излез од еврозоната ако тоа го сакаат, а оние што ќе останат би можеле да градат поодржлива валута.