Тројца млади луѓе изминатиот викенд завршија со тешки телесни повреди во две одделни сообраќајни незгоди во источниот дел на државата. Во незгодата што се случи вчера попладне во 16.10 часот на автопатот „Миладиновци-Штип“, пред Свети Николе, кај клучка за с.Преод, патнички автомобил „голф“, со скопски регистарски ознаки, управуван од Г.К.(19) од Скопје изгубил контрола и излетал надвор од коловозот. Во незгодата, како што соопшти СВР Штип возачот се здобил со телесни повреди, а сопатникот А.С.(19) од Скопје се здобил со тешки телесни повреди и биле пренесени во Клиничката болница Штип за укажување на лекарска помош.Екипата на Канал 77 се најде на терен во тој момент, каде можеше да се забележи прегазено куче во близина на превртениот автомобил. Автомобилот заврши превртен и наместо на тркала, заврши исправен со десната страна во бездната покрај патот, која за среќа, не е многу длабока. Сопатникот прво е однесен во Клиничката болница во Штип, по што, поради сериозноста на повредите, итно е транспортиран во Скопје.
Не е прв пат животни од околината да излегуваат на автопатот и да предизвикуваат сообраќајки, во ситуација кога се вози прилично брзо. Граѓаните забележуваат дека автопатот во тој дел е особено небезбеден, поради тоа што нема заштитна мрежа, ниту е граден по потребните стандарди.
Претходно во текот на денот, околу 05.00 часот на регионалниот пат Берово-Делчево, во близина на место викано „Црничка чекална“, патничко возило ,,Сузуки“ со делчевски регистарски ознаки, управувано од А.М.(20) од с. Град, делчевско, изгубило контрола и излетало од коловозот. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот и бил пренесен во Клиничката болница Штип. Увид на местото на настанот извршила екипа на Полициската станица Берово.